Сребрен медал за македонските информатичарки на Европската олимпијада по информатика

Сребрен медал за македонските информатичарки на Европската олимпијада по информатика

пред 2 години

Македонските ученички освоија сребрен медал на втората Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција,

Сребрениот медал за Македонија го освои Софија Велковска од Скопје, а солидно се  претставија и останатите 3 членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.

Тимот го раководеше  д-р Миле Јованов и д-р Емил Станковод Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат. Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар наменет само за ученички.  Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми.

Натпреварот е исто така придружен и со социјални настани, како што се екскурзии, за време на кои учесниците можат да стекнуваат нови пријателства едни со други, како и да разменуваат дел од своите национални култури.

ЕОИД 2022 се одржува со физичко присуство и со учество на вкупно 95 учеснички од 27 европски земји.

Share
Scroll to Top