Столе Димитриевски имал договор со Барселона: Трансферот пропадна пред да потпишам

Столе Димитриевски имал договор со Барселона: Трансферот пропадна пред да потпишам

пред 3 години

Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, во интервју за „Моцарт спорт“, првпат призна дека имал договор со Барселона, но дека неговиот трансфер пропаднал пред да потпише. Дека од Рајо Ваљекано ќе оди во Барселона се пишуваше во зимскиот преоден рок, но тогаш од клубот на Димитриевски рекоа дека голамнот останува таму и дека нема никаква понуда од каталонскиот клуб.

„Да ви кажам искрено, сè беше готово, вториот голман на Барселона, Нето, требаше да го напушти клубот. Поради некоја причина, тој не сакаше да си оди, а јас останав во Рајо. Од моја страна трансферот веќе беше завршен, сите детали беа договорени“, рекол Столе во интервјуто.

Пред три месеци во интервју за „Репортер“ го прашавме Столе за трансферот на Камп ноу, а тој тогаш ни кажа: „Кога во вакви големи клубови ти го спомнуваат името, нешто мора да е вистина“.

Димитриевски го привлече вниманието на Барса пред неколку месеци кога му одбрани пенал на Мемфис Депај, а Рајо ја победи Барселона 1:0. Тој не прими гол од Барса ни на вториот натпревар што го играа двата клуба оваа сезона, а Рајо повторно победи со 1:0.

„Впечатокот е феноменален, двапати да се победи Барселона, мислам дека само Баерн Минхен успеа да го направи тоа оваа сезона во Лигата на шампионите. На првиот натпревар одбранив пенал, на вториот имав многу работа. Чувството е прекрасно, навистина сум среќен за сето тоа“, изјави Димитриевски.

Кога во големи клубови ти го спомнуваат името, тогаш нешто мора и да е вистина: Столе Димитриевски првпат проговори за можниот трансфер во Барселона

 

Share
Scroll to Top