„Таксират“ се сели во „Јане Сандански“: Морчиба, Зостер и уште девет имиња на две сцени

„Таксират“ се сели во „Јане Сандански“: Морчиба, Зостер и уште девет имиња на две сцени

пред 3 часа

Единаесет музички имиња од седум држави, две сцени и вкупно 14 часа музичка програма најавуваат организаторите за големото финале на 28. издание на „Таксират“, кое ќе се одржи на 7 декември 2026 година во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Билетите од првиот бран се во продажба по цена од 1.500 денари.

Фестивалот годинава првпат ќе се одржи во „Јане Сандански“, отворајќи ново поглавје во својата историја. „Таксират“ започна во Младинскиот културен центар во 1999 година, потоа 17 години се одржуваше на Скопскиот саем, а подоцна се пресели во арената „Борис Трајковски“.

„За жал, една долгогодишна традиција е прекината, не по наша волја“, велат организаторите, порачувајќи дека фестивалот продолжува заедно со својата публика.

Меѓу најзвучните гости е британскиот трип-хоп состав Morcheeba, а регионалната сцена ќе ја претставуваат Zoster од Босна и Херцеговина и Z++ од Хрватска, познат по песните „Ljeto Već Je Gotovo“, „Kabriolet“ и „Sedmo Nebo“.

Во Скопје пристигнува и швајцарскиот проект Kadebostany, за кој организаторите наведуваат дека има повеќе од пет милијарди стримови. Електронската програма ќе ја засили египетскиот техно-продуцент Raxon, со изданија за Cocoon, Drumcode, Diynamic и Kompakt, додека меѓународната постава ја дополнува азербејџанската поп-рап изведувачка Alizade.

Македонската програма ќе донесе два јубилејни настапи: Фолтин и SMUT ќе одбележат по 30 години музичка активност. Скопскиот хип-хоп состав КЕМ ќе го промовира својот нов албум, а на фестивалската сцена ќе настапи и метал-бендот Conspiracy.

Според најавата, Conspiracy доаѓа по победата на Зајечарската гитаријада и освоеното второ место на Wacken Metal Battle. Sure Shotz ќе бидат домаќини на сцената „Shorty P“.

Со програмата што спојува трип-хоп, регионална алтернатива, електроника, хип-хоп и метал, организаторите ја повикуваат публиката на уште едно заедничко фестивалско финале.

Билетите се достапни преку MkTickets, каде што првиот бран е објавен по цена од 1.500 денари.

Share
Scroll to Top