Филмскиот режисер и производител на подводни пловила Џејмс Камерон даде свое видување за потонувањето на подморницата „Титан“ и објасни дека истата се нашла на дното на океанот затоа што не се почитувале предупредувањата исто како и за бродот „Титаник“.
Камерон жали што порано не го вклучил алармот за подморницата, која имплодираше додека беше на експедиција кон остатоците на „Титаник“. Оскаровецот додаде дека дизајнот на трупот бил ризичен.
Камерон стана истражувач на длабоките мориња во 1990-ите додека го снимаше својот филм „Титаник“, а денес е делумен сопственик на фирмата „Тритон сабмаринс“, која создава подводни пловила за истражување и туризам.
Беше дел од мала и тесно поврзана заедница чија страст се подводни пловила и вели дека бил скептичен кога слушнал дека „Оушнгејт“ прави пловило за големи длабочини од композитни јаглеродни влакна и титаниум.
„Помислив дека тоа е ужасна идеја. Би сакал да сум кажал нешто, но мислев дека некој е попаметен од мене, зашто јас никогаш не сум експериментирал со таква технологија. Сепак, идејата ми се чинеше лоша“, вели Камерон, кој 33 пати се спуштил до „Титаник“.
Причината за имплозијата на „Титан“ допрва ќе се утврдува, но Камерон смета дека критичарите биле во право кога предупредуваа дека труп од јаглеродни влакна и титаниум ќе овозможи раслојување и микроскопско навлегување вода, што со тек на време ќе се влошува.
Некои експерти и поранешни вработени во „Оушнгејт“ ја имаат критикувано компанијата што решила да не бара одобрение за „Титан“, туку да го води како експериментално пловило.
Вчера беше потврдено дека „Титан“ имплодирал додека бил на пат кон остатоците на „Титаник“, при што загинаа сите петмина патници, вклучувајќи го извршниот директор на „Оушнгејт“, Стоктон Раш. Камерон вели дека од свои извори веднаш сфатил што се случило со „Титан“.
„На трагедиите на ‘Титаник‘ и ‘Титан‘ им претходеа предупредувања што не се почитувале. На истото место сега имаме остатоци кои лежат до други остатоци од иста причина“, заклучи Камерон.