Тијана Дапчевиќ вторпат ќе се натпреварува на Беовизија, српскиот избор за песна на Евровизија. Таа ќе ја пее песната „Љуби, љуби довека“ што за неа ја направи Леонтина Вукомановиќ. Тијана преку Инстаграм откри дека се пријавила за фестивалот што ќе се одржи во март, но вели дека нема никакви очекувања и целта ѝ е да ја промовира песната.
„Да, точно е дека настапувам на Беовизија која се одржува на почетокот на март. Имам одлична песна, наречена ‘Љуби, љуби довека’ за која музиката и текстот ги напиша мојата драга Леонтина Вукомановиќ, а аранжманот и продукцијата се на Немања Филиповиќ. На секој фестивал досега сум одела за да ја промовирам песната, што се гледа и на претходните фестивали на кои сум изненадена од мојата победа, па така одам и на овој. Ќе биде ова одлична журка, учествуваат многу мои сјајни колеги и едвај чекам да ја слушнете оваа песна, бидејќи сум убедена дека ќе ви се допадне“, напиша Тијана.
Македонската пејачка и претходно се натпреваруваше на Беовизија. Таа во 2006 година на настапи со песната „Грех“.
За потсетување, Тијана пееше на Евровизија во 2014 година. Таа ја преставуваше Македонија во Копенхаген со песната To The Sky, но не влезе во финале.