Јавна расправија со навреди изби меѓу Илон Маск и извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, откако О’Лири во интервју за ирското радио „Њусток“ го нарече Маск идиот и ја нарече неговата социјална мрежа „Икс“ – септичка јама. Причина за конфликтот е одлуката на „Рајанер“ да не ја користи ви-фи услугата „Старлинк“ во своите авиони.
„Тој е идиот – многу богат, но сепак идиот“, рече О’Лири.
Маск реагираше на „Икс“, нарекувајќи го О’Лири целосен идиот и побара да биде отпуштен. Во друга објава додаде: „Отпуштете го овој имбецил“, обвинувајќи го дека погрешно ги проценил ефектите на „Старлинк“ врз потрошувачката на гориво.
Во расправијата се вклучи и официјалниот профил на „Рајанер“ на „Икс“, кој го исмеа Маск поради прекин на платформата: „Можеби вам ви треба ви-фи, @elonmusk?“
perhaps you need Wi-Fi @elonmusk? https://t.co/eq82qcLqKv
— Ryanair (@Ryanair) January 16, 2026
О’Лири изјави дека „Старлинк“ не е практичен за нискобуџетните летови на кратки релации, бидејќи надворешните антени ја зголемуваат аеродинамичната отпорност и трошат повеќе гориво – до 2 проценти повеќе, што би чинело стотици милиони долари годишно.
Маск ги оспорува овие податоци, тврдејќи дека веќе постојат авиокомпании кои летаат со авиони опремени со „Старлинк“ и дека високобрзинскиот интернет ќе стане пресуден за изборот на патниците.






