Македонскиот бенд „Фанк шуи“ е меѓу деветте финалисти номинирани за HEMI Music Award, европска награда наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво.
Од вкупно 285 пријавени од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од девет држави, а од Македонија беа избрани „Плутос даутс“, „Фанк шуи“ и „Ју“. Во вториот круг, со гласовите од меѓународното жири, влегоа „Фанк шуи“ со уште осум европски бендови.
Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации HEMI, е составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари.
Сега, деветте финалисти ќе добијат персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментор-експерт во областа на музичката индустрија, кој ќе биде избран согласно потребите на секој бенд. Финалисти ќе изработат ексклузивен материјал кој ќе го претстават за време на HMA лајв сесијата, а во последната фаза на наградите во јуни, ќе се изберат 3-те добитници на HEMI Music Awards 2021.
Покрај „Фанк шуи“ меѓу финалистите се и пејачот и баскер Thom Artway од Чешка, нордиското електро-поп трио од Естонија I Wear* Experiment, алт-рокерите од Грција Deaf Radio, блуз бендот Woodstock Barbie од Унгарија, гараж-рок триото Dogs In Kavala од Србија, полскиот квартет Izzy and the Black Trees, од Романија Luciа и словенечките Koala Voice.