Германскиот автомобилски гигант Фолксваген најави дека ќе прекине со производство на возила во Русија поради рускиот напад врз Украина. Но соопшти и дека веднаш ќе го прекине извозот. Компанијата има фабрики во Калуга, југозападно од Москва, и во Нижни Новгород, каде што планира да го прекине производството.
Од Фолксваген додаваат дека автомобилите на групацијата VW, вклучувајќи ги Audi, Porsche и Skoda, нема да се извезуваат во Русија. А во посебно соопштение објави дека поради украинската криза привремено го прекинува производството во две полски фабрики, посочувајќи и на прекинот на синџирот на снабдување, особено со кабли.
Откако Русија го нападна својот сосед, меѓународната заедница ѝ воведе бројни санкции на Москва, па сега водењето бизнис во оваа држава е значително потешко. Водечката германска бизнис асоцијација ДИХК оцени дека санкциите всушност претставуваат целосно ембарго.