Отровната „риба-зајак“ повторно е во фокусот на јавноста во Грција, откако ова лето е забележано значително зголемување на нејзината бројност во грчките мориња. Поради тоа, грчките медиуми објавија интерактивна мапа која ги прикажува местата каде што овој инвазивен вид бил регистриран во изминатите години, посочувајќи ги и подрачјата каде што постои поголема веројатност повторно да се појави.
Иако податоците на мапата не се од 2026 година, туку опфаќаат период од 2005 до 2021 година, тие претставуваат важен показател за распространетоста на рибата и можните ризични локации за време на актуелната туристичка сезона.
Отровната „риба-зајак“, чиј природен дом се тропските води на Индискиот и Тихиот Океан, во последните две децении значително го прошири своето живеалиште и во Медитеранот. Во грчките води првпат е забележана околу 2003 година, откако, според научните сознанија, мигрирала од Црвеното Море преку Суецкиот Канал.

Освен во Грција, овој вид е регистриран и долж бреговите на Израел, јужна Турција и Кипар.
Интерактивната мапа, објавена од Грчката мрежа за инвазивни водни видови (ELNAIS), ги прикажува сите досегашни пријавени случаи кога рибата била уловена, фотографирана или идентификувана од рибари, научници и граѓани.

Во почетокот, најчесто се појавувала во југоисточниот дел на Грција, особено во водите околу островите Родос и Крит, но денес нејзиното присуство е регистрирано низ голем дел од Егејското и Јонското Море.
Според грчките медиуми, во 2026 година бројот на забележани единки е значително поголем во споредба со претходните години, поради што надлежните институции веќе издадоа предупредувања до локалното население и туристите.

Една од причините за брзото ширење на овој вид е тоа што речиси нема природни непријатели во Медитеранот. Покрај негативното влијание врз морскиот екосистем, бидејќи ја намалува храната за другите риби, таа создава проблеми и за рибарите, оштетувајќи ги нивните мрежи и опрема.
За да го намалат бројот на овие риби, грчките власти во јуни започнаа специјална програма во која рибарите добиваат финансиски надомест од околу 5 евра за килограм уловена „риба-зајак“. Проектот е планиран да трае 70 дена.
Иако каснувањето не е отровно, рибата има исклучително остри заби кои можат да предизвикаат сериозни повреди. Затоа Грчкиот Црвен крст ги повика туристите и локалното население веднаш да побараат медицинска помош доколку бидат каснати.
Дополнителна опасност претставува фактот што оваа риба е силно отровна доколку се консумира, поради што нејзиното јадење е строго забрането. Надлежните апелираат граѓаните и туристите да бидат внимателни доколку ја забележат во морето и да не се обидуваат сами да ја фаќаат.






