Жизел Бундшен приреди изненадување на годинешната ревија на „Викторија сикрет“ во Лос Анџелес. Иако не прошета на пистата, бразилската супермоделка се појави во однапред снимено видео и со кратка порака ги поттикна шпекулациите за нова соработка со брендот.
Ревијата се одржа на 18 октомври, а видеото со 46-годишната Бундшен беше прикажано непосредно пред Бела Хадид да го отвори модното шоу. Нејзиното последно појавување на пистата на „Викторија сикрет“ беше во 2006 година.
„Подготвени ли сте за шоуто?“, ги праша гледачите Жизел, одморајќи на софа во розова долна облека од тантела и свилена наметка со препознатливите розово-бели пруги на брендот.
На крајот на ревијата, таа повторно се појави на екранот, овојпат со пуканки во рацете.

„Зарем не беше неверојатно? Наскоро ќе ме гледате почесто“, порача манекенката, намигнувајќи кон камерата.
Пораката навести можен нов проект со „Викторија сикрет“, но засега не е објавено дали станува збор за рекламна кампања, друга соработка или идно враќање на пистата.

Бундшен е едно од најпрепознатливите лица во историјата на брендот. На неговата ревија дебитираше во 1999 година, а следната година потпиша договор вреден 25 милиони долари.
Во 2000 година го претстави и прочуениот „Red Hot Fantasy Bra“, проценет на 15 милиони долари, кој остана едно од најпознатите парчиња во нејзината кариера.

Иако веќе две децении не учествува на годишната ревија, нејзината соработка со компанијата не заврши со последното излегување на пистата. Во 2023 година се појави во кампања заедно со други модни икони, меѓу кои Наоми Кембел и Адријана Лима.
Новото видео-појавување доаѓа неколку дена откако Бундшен беше фотографирана во Мајами Бич со патерици и ортопедска чизма на десната нога. Причината за повредата не е јавно потврдена, а не е познато ниту кога биле снимени видеата за ревијата.

Нејзината завршна порака, сепак, остави отворено прашање за обожавателите: какво изненадување подготвува Жизел со брендот што одбележа значаен дел од нејзината кариера?





