Откако Солал Хон (26) во 2020 година доживеал несреќа поради што неколку месеци бил в болница, решил да си го исполни долгогодишниот свој сон и пешки да го обиколи светот. Французинот Хон тргна на патување во јуни оваа година, а неодамна престојуваше на планината Прењ во Босна и Херцеговина.
„Лани паднав од балкон од шест метри и минав неколку месеци во болница. Тогаш решив да го исполнам мојот долгогодишен сон, да го обиколам светот пеш. Пораснав со планинарење со семејството, па овој потфат не ме плаши. Најголемиот предизвик е да преживеете со 250 евра месечно“, вели Хон.
Тој собрал пари за патувањето додека работел во Франција и очекува неговото патување низ светот да трае 6 до 7 години. Ноќите обично ги минува во својот шатор или во напуштени куќи и засолништа на патот. Покрај тоа, редовно користи и таканаречениот каучсурфинг, платформа за услуги и бесплатно сместување ширум целиот свет.
„Луѓето тука се одлични домаќини. Ми обезбедија сместување, храна и се дружевме. Имам од Јабланица ми дозволи да минам три ноќи во џамијата, додека чекав да пристигне вреќа за спиење по пошта од Франција. Тие ми помогнаа и да најдам лаптоп преку кој редовно пишувам на мојот блог“, вели авантуристот.
Пред посетата на Босна, тој минал по три недели во Словенија и во Хрватска. Со него е и маж од Германија што го сретнал на патот.
„Патот продолжува во Црна Гора, а потоа во Албанија, Бугарија, Турција, Грузија, Ерменија, Иран, Пакистан, Индија, САД… Понесов и квалитетна зимска опрема со себе. Внимателно ги планирам сите ситници од патешествието. Верувам дека ќе успеам“, вели Солал.
Тој редовно споделува фотографии и снимки од неговите патувања на Инстаграм, а на интернет-страницата Tipeee има профил каде што е можно да се донираат пари за поддршка на неговата авантура. На оваа платформа може да се следи целиот негов пат околу светот.