Фрлањето на знамето нема да го оценам како злонамерен инцидент, вели шефицата на делегацијата Мери Попова

Фрлањето на знамето нема да го оценам како злонамерен инцидент, вели шефицата на делегацијата Мери Попова

пред 2 години

Откако Андреа Коевска го фрли македонското знаме на земја на отворањето на Евросонг во Торино, шефицата на делегацијата, Мери Попова, вели дека во тој момент сите биле далеку од неа и не слушнале кој побарал од Андреа да се слика без знаме. Таа за „Репортер“ кажа дека однесувањето на Андреа не било злонамерно, бидејќи каде и да оди, пејачката секогаш со себе го носи македонското знаме.

„Сè се случи навистина многу брзо. Протоколите и организацијата налагаа по 30 секунди официјално фотографирање за сите евровизиски претставници. Останатиот дел од делегацијата беше тргнат на сосема спротивна страна, зад камерите, бидејќи имаше директен пренос. Претпоставувам дека во целата еуфорија, кога од Андреа побарале фотографии и без знамето, едноставно не успеала да изреагира поинаку, туку го поттурна знамето по тиркизниот ќилим. Ниту видовме, ниту слушнавме кој го побарал тоа од неа, зашто, повторувам бевме далеку од неа. Потоа си го зема и продолжи на средбите и интервјуата со сите други многубројни присутни медиуми“, вели Попова.

Таа додава и дека верува дека Андреа немала никаква лоша намера во моментот кога го фрлила знамето.

„Несаканиот инцидент нема во никој случај да го оценам како злонамерен од нејзина страна, од причина што за сите овие денови на подготовки во Торино, Андреа секогаш со гордост говори за Македонија, со македонското знаме во преден план. Впрочем, тоа може да се забележи и на бројни фотографии на социјалните мрежи“, ни кажа Попова.

И Андреа денес уште еднаш се извини на јавноста. Таа вчера сними видео-извинување во кое кажа дека е бесмислено тоа што ѝ се случува бидејќи секаде и секогаш е со знамето во рака, а сега Инстаграм објави порака во која вели дека ѝ е жал, бидејќи донела непромислена и брза одлука.

„Немав лоша намера. Со голема љубов и гордост го носам знамето овие денови. Самото тоа што сум тука е чест за мене да ја претставувам Македонија, и тоа сакам да го направам достоинствено“, напиша таа.

За потсетување, на вчерашниот тиркизен килим, на отворањето на Евровизија, Андреа во еден момент го фрли знамето на земја и предизвика револт и негативни реакции во јавноста. Македонската телевизија јавно го осуди нејзиното однесување и најави дека ќе размисли дали ќе ја повлече од натпреварувањето. Инаку, согласно членот 8 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на државата, тие не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување, а сето тоа подлежи на законска казна.

А. Јовановска

Share
Scroll to Top