Заштитата на реката Вардар и одржливото управување со водите мора да бидат долгорочен државен приоритет, за кој се потребни координирани институции, меѓусекторска соработка и обезбедено финансирање, порача министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
На отворањето на „Денови на Вардар 2026“, посветени на иднината на управувањето со сливот на реката, министерот истакна дека подготовката на Планот за управување со сливот е важен чекор, но дека неговата вредност ќе се покаже преку реализацијата.
Планот треба да се претвори во конкретни мерки
Хоџа се осврна на напредокот во мониторингот, класификацијата на водните тела и идентификувањето на притисоците врз водите, кој, како што посочи, е забележан и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година.
Тој нагласи дека управувањето со водите не може да биде одговорност само на едно министерство, бидејќи одлуките во земјоделството, енергетиката, индустријата и локалната самоуправа директно влијаат врз нивната состојба.
„Водата не познава ресорски граници. Затоа, потребен ни е вистински меѓусекторски пристап, во кој институциите ќе дејствуваат координирано и ќе преземаат заедничка одговорност“, рече Хоџа.
Соработка со Косово, Грција и Швајцарија
Поради прекуграничниот карактер на сливот на Вардар, министерот ја истакна важноста на континуираната соработка со Косово и Грција, како и поддршката од Швајцарија во областа на животната средина.
Тој го поздрави и придонесот на научната заедница и младите професионалци, нагласувајќи дека нивното знаење, искуство и иновации се важен дел од решенијата за водите.
Потребни се средства и мерливи резултати
Според Хоџа, целта не треба да биде само подготовка на стратешки документ, туку воспоставување систем со јасни одговорности, институции што имаат капацитет да дејствуваат и обезбедени средства.
„Нашата цел не е само да подготвиме уште еден стратешки документ, туку да изградиме систем во кој одговорностите се јасни, институциите имаат капацитет да дејствуваат, средствата се обезбедени, а резултатите се мерливи и видливи. Тоа е нашата обврска кон граѓаните и идните генерации“, порача министерот.





