Шок во рок-светот: По 14 години брак фронтменот на „Бертут“ призна дека е геј, сопругата со емотивна исповед

Шок во рок-светот: По 14 години брак фронтменот на „Бертут“ призна дека е геј, сопругата со емотивна исповед

пред 3 часа

Фронтменот на рок-групата „Бертут“ (Beartooth), Кејлеб Шомо (33), јавно откри дека е геј, ставајќи крај на шпекулациите околу неговиот приватен живот. Музичарот ја сподели својата животна приказна преку емотивна објава на социјалните мрежи, признавајќи дека со години водел тивка и тешка борба со самиот себе.

Во својата искрена исповед, Шомо откри дека долго време се соочувал со внатрешни конфликти, обидувајќи се да ги разбере сопствените чувства и сопствениот идентитет.

„Во последно време има многу шпекулации околу мојот приватен живот и чувствувам потреба јавно да ги расчистам работите пред тоа уште повеќе да влијае врз луѓето што ги сакам. Јас сум горд геј маж. Со ова се соочувам долго време“, напишал музичарот.

Тој признава дека со години преку музиката се обидувал да допре до најдлабоките делови од својата личност, но истовремено избегнувал да се соочи со вистинските причини зад чувствата на депресија, самоомраза и безнадежност.

„Поминав цела деценија криејќи ги сопствените чувства со алкохол. Кога конечно решив да се соочам со причините поради кои толку долго се чувствував така, тоа ме одведе до прифаќањето на сопствената сексуалност“, открил Шомо.

Тој испрати и порака до сите луѓе кои поминуваат низ слична животна борба, охрабрувајќи ги да си дадат време и простор да се пронајдат себеси.

Само неколку часа по неговата објава, со емотивна порака се огласи и неговата сопруга Флер Шомо, со која беше во брак речиси 14 години.

Таа преку видео на Инстаграм, на кое двајцата танцуваат заедно, потврди дека нивниот брак завршува, но нагласи дека нејзината љубов и почит кон него како човек остануваат.

„Секогаш ќе сакам да го сакам, штитам и поддржувам Кејлеб. Низ годините неговата добросостојба ми беше најважна. Тешко е да се гледаат болката и збунетоста, а да не знаеш како да помогнеш“, напишала Флер.

Таа отворено зборувала и за болката што ја чувствува поради крајот на нивниот долгогодишен брак.

„Да го поддржуваш него, а во исто време да го губиш сопствениот свет и сè што си имал, е неверојатно тешко. Нашите речиси 14 години брак беа прекрасни – полни со љубов, авантури и убави моменти. Веќе многу ми недостига тоа. Ми недостига мојот сопруг. Нашата приказна беше добра, но сега е завршена“, напишала таа.

Романсата меѓу Кејлеб и Флер започнала уште во нивните рани дваесетти години, а начинот на кој двајцата јавно и достоинствено зборуваа за крајот на нивниот брак предизвика големо внимание и бројни реакции на социјалните мрежи.

Share
Scroll to Top