Марија Елена Колариќ од Хрватска е голем фан на Тоше Проески. Минатиот викенд беше во Крушево за да го прослави својот 20 роденден. Облечена во фармерки, патики и маичка со ликот на Тоше, таа имаше и торта со неговиот лик. Во разговор за „Репортер“ вели дека ова ѝ бил најубавиот роденден до сега, оти ѝ се исполнила најголемата желба, да дојде во градот кај што е роден македонскиот пејач, да ја види куќата во која живеел како дете, а да го посети и неговиот гроб на Гумење.
„Одамна сакав да го посетам родниот крај на Тоше и моите пријатели од Македонија ми помогнаа да си ја исполнам желбата. Утрото прво го посетив неговиот гроб, па спомен куќата, а на крај дојдовме и до манастирот Преображение. Денот го завршив во ресторан во Крушево со торта со неговиот лик. Сакав да го посетам и неговото омилено кафуле „Планет“, ама тоа е сега затворено“, раскажа Марија Елена.
Песните на Тоше првпат ги слушнала на радио кога имала скоро шест години. Ѝ се допаднала песната, па ја прашала својата постара сестра кој пее. Откако дознала, ги нашла неговите песни и оттогаш ги слуша скоро 15 години.
„Бев мала кога Тоше загина и не се сеќавам на него од тоа време. Но, низ годините гледав многунегови интервјуа, видеа, концерти, а луѓето ми кажуваа дека бил добар човек кој им помагал на сите“, вели таа.
Иако ги сака сите негови песни, омилена ѝ е „Игри без граници“, зашто најмногу ја пуштале на телевизија по неговата смрт, па најмногу ѝ останала во сеќавање.
„Не постои песна што не ја сакам, сите ми се одлични. Јас мислам дека сум најголемиот фан на Тоше на цел свет. Собирам работи со неговиот лик и во мојата колекција има толку многу работи, а сепак мислам дека нема доволно“, рече таа и ни откри дека членува и во неколку хрватски клубови посветени на Тоше.
Во Македонија е на гости кај пријатели, ама тие не ја делат нејзината страст за животот и музиката на Тоше.
„Првпат доаѓам во Македонија, ама нема да биде последен. Моите овдешни пријатели знаат колкав фан сум на Тоше, и иако не ја делат мојата страст, ме поддржуваат во тоа што сум му најголем фан“, додава Марија Елена.
Андријана Јовановска