Македонскиот електропреносен систем во 2025 година функционирал стабилно и покрај зголемениот прилив на енергија од обновливи извори и динамичните промени на цените на регионалните пазари, вели генералниот директор на АД МЕПСО, проф. д-р Бурим Љатифи.
Во интервју за хрватското списание „EGE“, Љатифи говори за предизвиците во електропреносниот систем, инвестициите во домашната мрежа, новите интерконекции со Албанија и Косово, интеграцијата на обновливите извори, пазарното поврзување и заштитата од сајбер-напади.
Според него, енергетската транзиција напредува, но безбедното и сигурно функционирање на системот останува главен приоритет на МЕПСО.
Повеќе обновливи извори, но и поголем притисок врз мрежата
Најголемиот предизвик за МЕПСО е воспоставувањето рамнотежа меѓу растот на производството од обновливи извори, стабилноста на електроенергетскиот систем, движењето на цените и обезбедувањето доволни резерви во преносната мрежа.
Дополнителни предизвици се геополитичките ризици и интеграцијата во европските енергетски текови. Љатифи нагласува дека системот станува „позелен“, но истовремено бара поголеми капацитети за балансирање, поголема флексибилност и континуирани вложувања во преносната инфраструктура.

МЕПСО затоа инвестира во дигитализација, автоматизација и зајакнување на мрежата, што долгорочно треба да ја зголеми стабилноста и да ги намали оперативните трошоци.
Почна реализацијата на интерконекцијата со Албанија
Еден од најзначајните капитални проекти е изградбата на 400-киловолтната интерконекција меѓу Македонија и Албанија. Станува збор за сложена прекугранична инвестиција што опфаќа техничко усогласување, дозволи, експропријација, тендерски постапки и меѓународна координација.
Проектот во минатото се соочуваше со повеќе проблеми и одложувања. Според Љатифи, по целосната ревизија на процесот биле утврдени слабите точки и решавани имотно-правните, административните и оперативните пречки, по што проектот влегол во најважната фаза – изградбата.
Рокот за изведување на работите е 900 дена, односно 30 месеци, потврди и МЕПСО.
Интерконекцијата треба да го затвори единствениот отворен крак од регионалниот енергетски Коридор 8, да ја зголеми сигурноста на снабдувањето и да овозможи поголема прекугранична размена на електрична енергија.
Проектот има и економска димензија, бидејќи неговата изградба ќе ангажира домашни компании, работна сила, инженери, логистички фирми и даватели на услуги.
Нова 400 kV врска Тетово – Призрен
МЕПСО работи и на подготовките за новата интерконекција со Косово. Проектот предвидува изградба на 400 kV далекувод Тетово – Призрен, со кој ќе се воспостави нова директна врска со косовскиот електроенергетски систем и ќе се зголеми преносниот капацитет во западниот дел од земјата.
Клучен сегмент е изградбата на нова трансформаторска станица 400/110 kV во Тетово. Се разгледува и можноста за изградба на станица со ист напонски однос во Осломеј, со што би се подобрила интеграцијата на постојните и планираните производствени капацитети, особено на обновливите извори.
Проектот во моментов е во фаза на техничко усогласување и подготовка на документацијата, а реализацијата ќе почне по затворањето на финансиската конструкција и исполнувањето на останатите предуслови.
Новата интерконекција е дел од поширокиот енергетски коридор Исток – Запад и треба да придонесе за поголема размена на електрична енергија, подобра стабилност и нови инвестиции во обновливи извори, наведува МЕПСО.
Интерконекцијата со Србија, пак, е завршена уште во 2015 година и во моментов не се планира нов проект.
Инвестициски циклус за модернизација на мрежата
Љатифи најавува продолжување на интензивниот инвестициски циклус, насочен кон модернизација на преносната мрежа, зајакнување на интерконекциските капацитети и создавање стабилен, флексибилен и регионално интегриран електроенергетски систем.
Меѓу најважните зафати е реконструкцијата и изградбата на далекуводниот коридор Гостивар – Кичево – Осломеј – Сопотница – Битола, со кој значително треба да се зголемат сигурноста и капацитетот на мрежата.
Планирана е и изградба на нова трансформаторска станица во Милетково, како дел од пошироката стратегија за развој на 400 kV мрежата. Проектот треба да овозможи подобро приклучување на новите производствени капацитети и да ја унапреди прекуграничната размена на енергија.
Во близина на Гевгелија е предвидена нова станица и реконструкција на 110 kV далекувод. Со ова треба да се создадат услови за приклучување повеќе од 1.000 MW производствени капацитети од обновливи извори, кои во моментов не можат целосно да бидат ставени во функција поради ограничениот капацитет на мрежата во тој дел од земјата.
Нов трансформатор во Битола и реконструкција на критичните далекуводи
Во трансформаторската станица Битола 2 во 2025 година беше пуштен под напон нов трансформатор 400/110 kV. Според Љатифи, ова е дел од пошироката програма за модернизација и зајакнување на преносната мрежа.
Продолжува и проектот „Rehabilitation and Control“, поддржан од Европската банка за обнова и развој. Во негови рамки се обновуваат критични далекуводи, меѓу кои и 110 kV далекуводот ТС Прилеп – ТС Битола 1, кој веќе е пуштен во работа.
Во следниот период МЕПСО со сопствени средства ќе почне реконструкција на далекуводниот коридор од Гостивар до Битола. Потоа е предвидено зајакнување на мрежата во југоисточниот дел од земјата и воспоставување трет контролен центар во Охрид, повторно со поддршка од ЕБОР.
Домашното производство покрило 71,2 проценти во првиот квартал
Во првите три месеци од 2026 година домашното производство покрило 71,2 проценти од вкупната електрична енергија испорачана од преносната кон дистрибутивните мрежи и до директните потрошувачи.
За споредба, во текот на целата 2025 година домашното производство учествувало со 77,2 проценти во вкупно испорачаната енергија од преносната мрежа.
Љатифи објаснува дека пониското учество во првиот квартал е очекувано, бидејќи станува збор за зимски месеци, кога производството од обновливите извори, особено од фотоволтаичните електрани, е помало.
Соларните електрани се можност, но и системски предизвик
Брзото приклучување нови производствени капацитети е еден од најголемите предизвици за операторите на електропреносните системи во Европа. Според Љатифи, сончевите електрани се неопходен дел од енергетската транзиција, но нивниот раст мора да биде усогласен со капацитетот на мрежата.
Тој нагласува дека прашањето не е дали фотоволтаичните електрани се добри или лоши, туку колку брзо, на кои локации и под какви услови се приклучуваат во системот.
МЕПСО, согласно Законот за енергетика и Мрежните правила, има право и обврска да ги преземе сите потребни мерки за зачувување на стабилноста и целосноста на електроенергетскиот систем. За да се намали ризикот од исклучувања и мрежни загушувања, потребни се нови преносни капацитети, подобро оперативно управување, флексибилност и посовремена регулатива.
Нови правила за набавка на енергија за мрежните загуби
Од 1 февруари стапија во сила новите правила за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносната мрежа.
Правилата, донесени од МЕПСО и одобрени од Регулаторната комисија за енергетика, треба да обезбедат транспарентна и пазарно ориентирана набавка, усогласена со европските принципи.
МЕПСО ќе може да ја оптимизира набавката на електрична енергија за загуби преку организиран пазар, во зависност од движењето на цените, со цел да оствари поголеми заштеди.
Пазарно поврзување со Грција до 2029 година
Процесот на поврзување со пазарите на електрична енергија во Европската Унија и соседните земји е во тек, но Љатифи оценува дека станува збор за сложен и повеќефазен процес.
Покрај техничката подготвеност, неопходни се регулаторна усогласеност и пазарна подготвеност на сите држави што учествуваат во процесот.
МЕПСО работи во координација со Косово и Албанија како подготовка за поврзување со организираниот пазар во Грција, а потоа и со поширокиот европски пазар. Според договорениот акциски план, процесот треба да заврши до 1 јануари 2029 година.
Сајбер-нападите не влијаеле врз работата на системот
Во текот на 2024 година МЕПСО, како и повеќе институции и компании во Европа, бил изложен на сајбер-напади насочени кон јавните информатички услуги.
Според Љатифи, обидите биле навреме откриени и успешно спречени, без влијание врз работата на електропреносниот систем, неговата сигурност или стабилност.
По нападите биле зајакнати механизмите за рано откривање закани, заштитата на информатичките системи и капацитетите за брз одговор. МЕПСО ги усогласува внатрешните процеси со меѓународните стандарди и европските регулативи, а идентификацијата на изворот на нападите се спроведува во соработка со националните и меѓународните институции.
Соработка со хрватските оператори
Љатифи ја оцени соработката со колегите од Хрватска како стабилна, професионална и конструктивна. Двете земји се соочуваат со слични предизвици во управувањето со системот, интеграцијата на обновливите извори и дигитализацијата.
Посебен акцент се става на размената на искуства во сајбер-безбедноста, информатичките системи и развојот на современи центри за надзор и одговор на закани.
Според првиот човек на МЕПСО, современите автоматизирани системи и посилните интерконекции се основата на новата развојна визија – мрежа што ќе може сигурно да го поддржи забрзаниот раст на обновливите извори и стабилноста на електроенергетскиот систем во следните децении.






