Љубов како од филм: Победничката на Евровизија тајно се омажила, а за малку таа прва ќе му предложела брак - Видео

Љубов како од филм: Победничката на Евровизија тајно се омажила, а за малку таа прва ќе му предложела брак – Видео

пред 4 часа

На сцената експлодираше со енергија, оган и моќниот хит „Бангаранга“, но зад спектакуларниот настап на Дара се крие љубовна приказна која многумина ја споредуваат со романтичен филм.

Новата победничка на Евровизија 2026, чие вистинско име е Дарина Николаева Јотова, успеа да ја освои Европа со својата харизма, но и да изгради стабилен приватен живот далеку од медиумскиот хаос.

Дара е родена во Варна во 1998 година, а уште како тинејџерка почнала активно да се занимава со музика. Публиката првпат сериозно ја забележа кога на 17 години го освои третото место во бугарската верзија на X Factor.

Иако не победи во шоуто, токму тој настап ѝ ги отвори вратите кон музичката кариера. Наскоро потпиша договор со Virginia Records и започна да настапува под сценското име Дара.

Нејзиниот прв хит К’во не чу за кратко време стана огромен хит во Бугарија, а потоа следуваа милионски прегледи, албумите Родена такава и АДХДАРА, како и телевизиски ангажмани во емисии како Твоето лице звучи познато и Гласот на Бугарија, каде беше ментор и вокален тренер.

Но, зад сценскиот гламур, Дара пронашла мир покрај докторот по фармакологија Ервин Иванов.

Нивната врска започнала сосема случајно – во ноќен клуб. Пејачката подоцна признала дека тоа било љубов на прв поглед и дека веднаш им рекла на пријателите: „Го најдов мојот човек“.

Според бугарските медиуми, врската брзо станала сериозна. Заедно патувале низ светот, купиле стан и започнале заеднички живот, а нивните блиски тврделе дека речиси никогаш немале сериозни караници.

Дара често зборувала дека Ервин е нејзина целосна спротивност – смирен, рационален и стабилен, додека таа е темпераментна и импулсивна.

Свршувачката се случила на почетокот на 2024 година за време на романтично патување во Тајланд. Интересно е што Дара подоцна открила дека и самата планирала да му предложи брак, па дури купила и прстен, но Ервин бил побрз.

Тој клекнал пред статуа на Буда и ѝ предложил брак токму на својот роденден.

Љубовта со Ервин силно влијаела и врз нејзината музика. Бугарските медиуми пишуваа дека песната Only Mine му била посветена токму нему, а во видеото биле вклучени и нивни приватни снимки од заедничките патувања.

Двојката тајно се венчала на 17 мај 2025 година, далеку од медиумите. Дара ја откри веста преку кратко видео на социјалните мрежи, каде во бела венчаница со насмевка изјави: „Тукушто се омажив“.

Нивната свадба била далеку од класичен гламур – сакале опуштена атмосфера покрај море, со музика, ветер и блиски пријатели.

Само една година подоцна следуваше и моментот што ѝ ја промени кариерата – победата на Евровизија 2026 со песната Бангаранга, со која ѝ ја донесе на Бугарија првата победа во историјата на натпреварувањето.

Песната, според нејзините зборови, е инспирирана од традиционалните бугарски кукерски ритуали и претставува „среќен шум“ што ја брка темнината.

Иако Европа беше воодушевена од нејзиниот настап, зад сцената не било сè лесно. Непосредно пред Евровизија, Дара се соочувала со огромен притисок, критики на социјалните мрежи и здравствени проблеми, а според бугарските медиуми, токму сопругот Ервин бил нејзината најголема поддршка во најтешките моменти.

Денес, Дара важи за едно од најбараните музички имиња во Европа, но многумина велат дека нејзината најголема победа не е само Евровизија, туку тоа што покрај славата успеала да најде мир и стабилност со човекот кого го нарекува „љубовта на својот живот“.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Share
Scroll to Top