Холивудската глумица Џенифер Греј (62) по долго време даде интервју за магазинот „Пипл“, па раскажа за филмот „Валканиот танц“ кој ја направи ѕвезда, но и за најголемата грешка во животот, кога решила да го оперирала носот по кој ја препознаваше публиката од целиот свет. Сето ова Греј го пишува и во своите мемоари, „Надвор од ќошот“, што излегоа на 3. мај. Името на мемоарите е инспирирано од познатата реплика од филмот „Валканиот танц“, каде што Патрик Свејзи вели: „Никој не ја става Бејби во ќош“.
„Ми требаше долго време да се прифатам себеси. Сакам конечно да излезам од аголот и да си дадам повеќе простор, и да признаам дека само јас сум крива што се наоѓам стуткана во ќош, зашто самата дојдов таму и се водев од работи кои не ми дозволија да водам убав живот“, вели во интервјуто популарната Бејби Хаусман.
Греј раскажала и дека помеѓу неа и Патрик Свејзи, кој во хит-филмот го глумеше Џони, не постоела хемија, па ни денес не ѝ е јасно како тоа публиката не го забележува на екранот.
„Фактот што требаше да се привлекуваме еден со друг, создаде тензија меѓу нас. Зошто кога хемијата меѓу двајца не е природна продолживме со снимање? Но, не, ние бевме приморани да бидеме заедно. Тоа создаде некаква синергија меѓу нас. Да беше Патрик денес жив би му рекла: ‘Жал ми е што не можев да го ценам тоа што си и што сакав да си таков каков што јас замислував дека треба да бидеш’“, вели Греј.
Таа додала и дека публиката сакала тие да бидат пар и во реалниот живот, но тој не бил нејзин тип.
„Си мислев, па добро, што не е во ред со мене? Како може да не ме привлекува? Но, тој беше оженет и заљубен во сопругата, а јас бе во врска со Метју Бродерик“, додала Греј.
Глумицата не жали што го сними филмот што ја направи ѕвезда во целиот свет, но жали за одлуката што ја донела потоа, да го оперира носот. Нејзината мајка, Џо Вајлдер, сакала Џенифер да го оперира носот уште од самиот почеток на нејзината кариера и таа во еден момент подлегнала под притисокот.
„Таа ме сака, отсекогаш ме сакаше. Никогаш не ми велеше ‘не си убава’ туку дека ако сакам да бидам ѕвезда мора да изгледам така. Кога бев дете, бев целосно против ринопластика. Мислам, тоа беше како мојата религија. Правев што сакаа моите родители. Разбирам дека беа ’50-те, дека мораше да го смениш името и да правиш одредени работи за да те прифатат. Не можеш да бидеш геј. Не можеш да бидеш Евреин“, рекла таа.
Вели дека Мајкл Даглас не ја препознал на црвениот тепих по нејзината втора операција на носот
„Тоа беше првпат да излезам во јавност. И сфатив дека станав целосно невидлива. Во очите на светот, јас повеќе не бев јас. Она што мајка ми секогаш ми кажуваше дека треба да го направам, корекцијата на мојот нос, за да бидам успешна, на крајот ми ја уништи кариерата“, додала Греј.
Глумицата откри и дека ќе ја репризира улогата на Бејби и дека наскоро ќе се снима втор дел од „Валканиот танц“.