Џони Деп објави дека ќе снима албум со легендарниот англиски гитарист Џеф Бек, една недела откако го доби судскиот спор со бившата сопруга Амбер Херд. Албумот ќе излезе на 30 септември, ќе се вика „18“, а ќе содржи тринаесет песни, од кои повеќето се преработки.
„Се шегувавме дека се чувствуваме како повторно да имаме 18 години, па оттука и насловот на албумот“, изјави 77-годишниот Бек за соработката со Деп.
На албумот ќе има песни од „Велвет андерграунд“, Марвин Геј, „Бич бојс“, а Деп е автор и на две оригинални песни.
Деп, кој е член на рок групата „Холивуд вемпајрс“ заедно со Алис Купер и Џо Пери, ја почна соработката со Бек пред три години. Минатата недела додека ја чекаше судската пресуда против бившата жена, му се придружи на Бек на неколку концерти од британската турнеја. На еден од тие концерти дојде и неговата поранешна девојка, топ-моделот Кејт Мос.