Џулија Робертс денес полни 59 години: Малку недостасувало улогата што ја прослави да ѝ припадне на друга актерка

Џулија Робертс денес полни 59 години: Малку недостасувало улогата што ја прослави да ѝ припадне на друга актерка

пред 4 часа

Една од најомилените холивудски актерки, Џулија Робертс, денес, 28 октомври, го слави својот 59. роденден. Со препознатливата широка насмевка, природниот шарм и бројните незаборавни улоги, таа речиси четири децении е едно од најголемите имиња во светската кинематографија. Но, малкумина знаат дека улогата што ја претвори во светска ѕвезда за малку ќе завршела во рацете на друга актерка.

Станува збор за ликот на Вивијан Ворд во култната романтична комедија „Убава жена“ (Pretty Woman) од 1990 година, филм кој засекогаш го промени нејзиниот живот и ја вброи меѓу најбараните актерки во Холивуд.

Неколку познати актерки ја одбиле улогата

Денес е речиси невозможно да се замисли „Убава жена“ без Џулија Робертс и Ричард Гир, но изборот на главната актерка воопшто не бил едноставен.

Пред улогата да ѝ припадне на Робертс, за неа биле разгледувани неколку познати холивудски имиња, меѓу кои Мег Рајан, Мишел Фајфер, Дерил Хана и Моли Рингвалд. Особено блиску до ангажман била и Дајан Лејн, но на крајот ниту една од нив не ја добила улогата.

Моли Рингвалд, позната по филмовите „The Breakfast Club“ и „Pretty in Pink“, години подоцна признала дека не ѝ се допаднала приказната и затоа не сакала да учествува во проектот.

„Џулија Робертс беше одлична, но приказната не ми се допаѓаше. Уште тогаш чувствував дека има нешто непријатно во неа“, изјавила Рингвалд во интервју за „The Guardian“.

Во тоа време Робертс веќе го имала привлечено вниманието со филмовите „Mystic Pizza“ и „Steel Magnolias“, но сè уште не била светска филмска ѕвезда.

„Убава жена“ првично требало да биде мрачна драма

Особено интересно е што филмот кој денес важи за една од најпознатите романтични комедии првично бил замислен како сосема поинаква приказна.

Проектот го носел насловот „3,000“ и требало да биде мрачна драма за животот на млада сексуална работничка во Лос Анџелес.

Робертс ја добила главната улога, но само неколку дена подоцна останала без ангажман бидејќи продукциската компанија што го развивала проектот пропаднала.

Правата за филмот потоа ги презел „Дизни“, а режисерската палка му припаднала на Гари Маршал, кој решил повторно да ѝ даде шанса на младата актерка.

Сценариото претрпело големи промени, а мрачната драма се претворила во романтична комедија со среќен крај.

Во интервју за „Variety“ во 2019 година, Робертс открила дека оригиналната верзија завршувала така што богатиот бизнисмен ја исфрлал Вивијан од автомобилот, фрлал пари по неа и ја оставал сама во валкана уличка.

За среќа на љубителите на романтичните филмови, конечната верзија добила сосема поинаков завршеток.

Сцена што настанала случајно стана легендарна

„Убава жена“ премиерно беше прикажан во март 1990 година и за кратко време стана огромен кинохит.

Љубовната приказна меѓу Вивијан и богатиот бизнисмен Едвард Луис, кого го игра Ричард Гир, ја освои публиката ширум светот.

Посебно внимание привлече неверојатната хемија меѓу двајцата актери, а улогата на Робертс ѝ донесе и номинација за „Оскар“ за најдобра главна актерка.

Една од најпознатите сцени во филмот настанала сосема спонтано.

Во моментот кога Гир ѝ покажува скапоцен ѓердан, тој ненадејно ја затвора кутијата додека Робертс посегнува по накитот. Нејзината изненадена реакција и заразната смеа биле вистински, а режисерот одлучил да го задржи моментот во филмот.

Таа сцена и денес важи за една од најпрепознатливите во историјата на романтичните комедии.

Од кралица на романтичните комедии до добитничка на „Оскар“

По огромниот успех на „Убава жена“, Робертс продолжи да реди филмски хитови.

Во текот на деведесеттите години публиката ја гледаше во „My Best Friend’s Wedding“, „Runaway Bride“ и „Notting Hill“, каде што глумеше покрај Хју Грант.

Сепак, таа докажа дека нејзиниот талент не е ограничен само на романтичните комедии.

За главната улога во биографската драма „Erin Brockovich“ од 2000 година го освои „Оскарот“ за најдобра актерка, потврдувајќи го својот статус на една од најталентираните актерки на својата генерација.

Следуваа улоги во „Ocean’s Eleven“, „Closer“, „Eat Pray Love“ и „August: Osage County“, за кој повторно доби номинација за престижната филмска награда.

Денес, на својот 59. роденден, Џулија Робертс зад себе има импресивна кариера, бројни награди и филмови што и понатаму ги освојуваат гледачите.

Иако во изминатите децении одигра многу различни ликови, токму Вивијан од „Убава жена“ останува улогата што засекогаш го промени нејзиниот професионален пат.

А сè можело да биде поинаку доколку некоја од актерките на кои првично им била понудена улогата кажела „да“.

Share
Scroll to Top