Протечените документи од „Тик-ток“ наводно сугерираат дека апликацијата фаворизира „убава“ публика, додека ја намалува видливоста на помалку привлечните корисници, пишува „Unilad“.
Иако „Tик-ток“ има една милијарда месечни корисници и многумина го обожаваат, тој беше погоден со многу контроверзии низ годините. Поради ова, се повеќе земји почнаа да воведуваат ограничувања за оваа апликација.
Во моментов, „Tик-ток“ се соочува со тужба поднесена од дури 14 држави, предводени од Калифорнија и Њујорк.
Националното јавно радио известува дека тужбата се фокусира на тоа како „Tик-ток“, наводно, ја заведува јавноста кога станува збор за безбедноста на популарната апликација. Многу државни обвинители сугерираат дека апликацијата ги прекршила законите за заштита на потрошувачите и дополнително придонела за веќе сериозна криза за менталното здравје кај адолесцентите.
„Tик-ток“ намерно ги таргетира децата бидејќи знае дека тие сè уште немаат способност да поставуваат здрави граници околу содржината која предизвикува зависност. „Tик-ток“ мора да биде одговорен за штетата што ја предизвика со ограбувањето на американските деца од нивното време и детство“, рече обвинителот на Калифорнија, Роб Бонта.
Многу од обвинувањата против „Tик-ток“ се сериозни, особено кога станува збор за менталното здравје на тинејџерите. Документите, кои произлегоа од истражувањето, тврдат дека можете да станете зависни од апликацијата за помалку од 35 минути или откако ќе погледнете 260 видеа. Овој факт го потврдија и истражителите.
Во извештајот разгледан од истражувачите од Кентаки се тврди дека алгоритмот на „Tик-ток“ наводно почнал да ги пополнува доводите на корисниците со „поатрактивни луѓе“ откако алгоритмот забележал „голем број на помалку атрактивни теми“.
Во тужбата, исто така, се истакнува дека „Tик-ток“ наводно „активно работел на промовирање често нереални стандарди за убавина, иако тоа можеби имало негативно влијание врз младите корисници“, пренесуваат светските медиуми.
Во одговорот објавен на 17 октомври, портпаролот на „Tик-ток“ Алекс Хаурек ги критикуваше медиумите за објавување информации за тужбата, тврдејќи дека тие „пишуваат погрешни работи и ставаат застарени документи надвор од контекст за погрешно да ја претстават нивната посветеност на безбедноста на заедницата“.
Медиумите потсетуваат дека во 2022 година, „Tик-ток“ е забранет на сите уреди издадени од американската федерална влада и дека неколку земји го забранија на официјални уреди: ЕУ, Австралија, Белгија, Канада, Данска, Франција, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Тајван итн. Мнозинството земји се одлучија на овој чекор по предупредувањата од националните тајни служби дека апликацијата може да се користи за шпионирање на државни службеници.
Непал, Индија, Индонезија и Авганистан воведоа целосни забрани, не само за уредите на владините службеници, туку и низ целата земја.