Google Gemini може да ги прекршува авторските права на медиумите, предупредува правен советник на Судот на ЕУ

Google Gemini може да ги прекршува авторските права на медиумите, предупредува правен советник на Судот на ЕУ

пред 2 часа

Користењето новинарски текстови од страна на вештачката интелигенција за генерирање одговори може да претставува прекршување на авторските права на медиумите. Ова е ставот на генералниот адвокат на Судот на правдата на Европската Унија, Маќеј Шпунар, кој денеска објави правно мислење во спорот меѓу Google и унгарската медиумска компанија Like Company.

Случајот се однесува на начинот на кој четботот Google Gemini презема информации од интернет и ги користи за да одговара на прашањата на корисниците.

Според Шпунар, проблемот настанува кога системот презема новинарски текст, ја користи неговата содржина и генерира одговор што во значителна мера го повторува оригиналниот авторски израз. Во одредени околности, таквата практика може да ги наруши правата на издавачите.

Особено спорно е доколку вештачката интелигенција заобиколува технички ограничувања за пристап до содржините или создава толку детални одговори што корисникот повеќе нема потреба да ја посети оригиналната интернет-страница.

Правниот советник нагласува дека авторските права не ги штитат самите факти и информации, туку оригиналниот начин на кој тие се претставени во новинарските текстови.

Спорот започнал откако унгарската компанија Like Company, која управува со повеќе информативни портали, го обвинила Google дека без дозвола користел нејзини новинарски содржини преку системот Gemini.

Интересно е што во своето мислење Шпунар прави разлика меѓу користењето текстови за обучување на модели на вештачка интелигенција и нивното преземање за генерирање одговори во реално време.

Тој наведува дека обучувањето модели, по правило, може да биде дозволено според европските исклучоци за автоматска анализа на текстови и податоци. Но, тоа не значи дека четботовите имаат неограничено право да репродуцираат заштитени новинарски содржини.

Правното мислење засега нема обврзувачка сила и не претставува конечна судска пресуда.

Сепак, случајот може да има значајни последици за односот меѓу технолошките компании и традиционалните медиуми, особено во период кога сè повеќе корисници добиваат информации директно од системите за вештачка интелигенција, без да ги посетуваат оригиналните извори.

Конечната одлука на Судот на ЕУ се очекува дополнително да ги разјасни правилата за користење новинарски содржини од страна на вештачката интелигенција.

Share
Scroll to Top