Google подготвува нова промена во Google Play Store која би можела значително да влијае врз начинот на кој корисниците ги откажуваат претплатите во Android апликациите. Наместо едноставно откажување со еден клик, корисниците наскоро би можеле да добиваат понуди за поевтини пакети или попусти токму во моментот кога ќе се обидат да ја прекинат претплатата.
Новата функција беше претставена за време на Google I/O конференцијата, каде компанијата објави дека преку новиот Subscription Management API, развивачите на апликации ќе можат да понудат алтернативни пакети и пониски цени пред корисникот конечно да ја потврди одлуката за откажување.
Тоа значи дека копчето „откажи претплата“ повеќе нема секогаш да биде директен излез, туку и можност за дополнителна понуда. Корисниците, покрај опциите да ја задржат или прекинат претплатата, ќе можат да видат и предлози за префрлање на поевтин план.
Иако Google засега не воведува целосно комплициран процес за откажување, експертите предупредуваат дека ова е уште еден чекор кон таканаречените „дизајнерски трикови“ со кои платформите се обидуваат да ги задржат корисниците што е можно подолго.
Од компанијата сметаат дека новата функција ќе им помогне на развивачите да го намалат бројот на откажани претплати, бидејќи наместо целосно заминување, корисниците можеби ќе изберат поевтина варијанта или дополнителен попуст.
Сепак, од перспектива на корисниците, оваа промена отвора нова дебата околу тоа колку дигиталните платформи намерно ги прават претплатите лесни за активирање, а значително потешки за исклучување.
Новитетот доаѓа во период кога Google постепено воведува и други функции во Play Store, меѓу кои препораки базирани на Gemini и проширени можности преку системот Ask Play. Со тоа, Play Store сè повеќе се трансформира од обична продавница за апликации во платформа која активно се обидува да ги задржи корисниците и нивните претплати во Android екосис темот.






