„Skopje is calling!“: Повеќе од 3.000 танчери од 26 земји доаѓаат на IDO European Championship 2026

„Skopje is calling!“: Повеќе од 3.000 танчери од 26 земји доаѓаат на IDO European Championship 2026

пред 2 часа

„Skopje is calling!“ – со впечатлив спој на елеганцијата на класичниот балет, ритамот на македонската традиција и препознатливите пејзажи на главниот град, објавено е официјалното промотивно видео за IDO European Championship 2026 во класичен балет, џез, модерен и современ танц.

Од 21 до 29 септември 2026 година, Скопје ќе биде домаќин на едно од најпрестижните танцови случувања во Европа. Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе настапат повеќе од 3.000 врвни танчери од 26 европски земји, а македонската метропола во текот на девет дена ќе се претвори во голема сцена исполнета со талент, движење и врвна танцова уметност.

Првенството се одржува под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, со амбиција Македонија да не биде претставена само како домаќин на голем европски настан, туку и како земја со богато културно наследство, автентичен ритам и традиција која заслужува да биде прикажана пред европската публика.

Токму оваа идеја е преточена и во промотивното видео за првенството.

Снимано на плоштадот „Македонија“ и во комплексот „Македонско село“, видеото создава впечатлива визуелна приказна во која грациозноста на класичниот балет се спојува со силата и енергијата на македонскиот фолклор.

Фолклорните елементи дополнително ја збогатуваат атмосферата и ја потенцираат врската меѓу современиот танцов израз и традицијата која со генерации се пренесува во Македонија.

Централната улога во видеото ја има Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која настапила на сцената на престижниот Болшој театар во Москва.

Нејзината изведба, како што посочуваат организаторите, го отсликува духот на претстојното европско првенство – елеганција, сила и македонска гордост.

Продуцент на промотивното видео е Трајче Петковски, додека впечатливите и безвременски кадри се дело на Ненад Смиљковиќ, кој преку камерата ја доловува магијата на движењето, но и убавината на избраните локации во Скопје.

Дополнителна емотивна димензија на визуелната приказна ѝ дава музиката на композиторот Александар Јовевски, преку која уште посилно се чувствува спојот меѓу балетот и македонското културно наследство.

Видеото е снимено и објавено во пресрет на големото натпреварување со цел европската публика уште пред пристигнувањето да го запознае Скопје и да почувствува дел од убавината, традицијата и духот на Македонија.

Македонија повторно домаќин на илјадници танчери

IDO European Championship 2026 следува по успешната организација на Светското првенство во хип-хоп во 2024 година, кога Македонија исто така беше домаќин на голем меѓународен танцов настан.

Овојпат земјава повторно ќе пречека илјадници танчери, тренери, судии и љубители на танцот од повеќе европски држави.

Организаторите Трајче и Андријана Петковски од танцовото студио „Брејк а лег“ не го кријат задоволството што Скопје повторно ќе се најде во центарот на европската танцова сцена.

„Пресреќни сме што Скопје повторно ќе биде центар на европската танцова сцена и што во нашиот град ќе пречекаме повеќе од 3.000 врвни танчери од 26 европски земји. Покрај културниот и спортскиот аспект на првенството, особено ни е важно што преку овој настан ја промовираме македонската традиција и вредностите на кои светот секогаш гледа со воодушевување кога ја посетува Македонија“, истакнуваат Трајче и Андријана Петковски.

Девет дена Скопје ќе живее во ритамот на танцот

Од 21 до 29 септември, во текот на деветте натпреварувачки дена, Скопје ќе живее во ритамот на класичниот балет, џезот, модерниот и современиот танц.

Илјадници учесници од 26 европски земји ќе се натпреваруваат на сцената во СЦ „Борис Трајковски“, а настанот ќе биде можност Македонија повторно да ги покаже своите организациски капацитети за домаќинство на големи меѓународни манифестации.

Истовремено, преку културните мотиви вградени во промотивната кампања, европската публика ќе има можност да се запознае и со македонската традиција, фолклор и културно наследство.

Организаторите очекуваат првенството да го потврди Скопје како значајна европска сцена за танцот, културата, уметноста и спортот, а Македонија како земја способна да биде домаќин на настани од висок меѓународен ранг.

Погледнете го официјалното промотивно видео за IDO European Championship 2026.

Share
Scroll to Top