SpaceX на Илон Маск влезе меѓу најголемите сопственици на биткоин, Европа подготвува дигитална офанзива

SpaceX на Илон Маск влезе меѓу најголемите сопственици на биткоин, Европа подготвува дигитална офанзива

пред 3 часа

Пазарот на криптовалути повторно покажува знаци на оживување, а инвеститорите внимателно ги следат новите движења откако биткоинот неодамна повторно ја надмина психолошката граница од 80.000 долари. Иако во текот на оваа недела најпознатата криптовалута повторно се повлече под тоа ниво, цената засега се стабилизира непосредно под важната граница, што кај дел од аналитичарите повторно буди оптимизам за следниот циклус на раст.

Во услови на нестабилни глобални пазари, повисоки каматни стапки и засилени инфлаторни притисоци предизвикани и од растот на цените на енергенсите, криптовалутите повторно стануваат центар на вниманието. Експертите оценуваат дека секторот сè уште е силно поврзан со движењата на берзите и апетитот на инвеститорите за ризични вложувања.

Дополнително внимание предизвика компанијата SpaceX на Илон Маск, која според документите поврзани со најавената иницијална јавна понуда на акции поседува биткоини во вредност од околу 1,45 милијарди долари.

Компанијата уште во 2021 година започна со вложувања во биткоин, а според најновите податоци до крајот на декември поседувала 18.712 биткоини, купени за околу 661 милион долари. Количината останала непроменета и во однос на крајот на 2024 година, што ја позиционира компанијата меѓу десетте најголеми корпоративни сопственици на биткоин на глобално ниво.

Во меѓувреме, се појавија и информации дека американската Комисија за хартии од вредност (SEC) разгледува можност да им овозможи на платформи од трети страни да токенизираат акции без директно одобрение од нивните издавачи.

Според извештаи на „Блумберг“, ваквиот потег би можел значително да ја промени иднината на финансиските пазари и да отвори простор за целосно нов систем на токенизирани финансиски инструменти.

Во исто време и Европа забрзано се подготвува за сопствена крипто-експанзија. Дури 25 европски банки, меѓу кои ABN AMRO, ING, BNP Paribas, BBVA, Rabobank и Bank of Ireland, веќе се приклучиле на голем конзорциум кој работи на развој на нова криптовалута поврзана со еврото.

Конзорциумот, кој сега брои 37 финансиски институции од 15 држави, има цел да понуди европска алтернатива на постојните stablecoin решенија доминирани од американските компании како Tether и Circle.

Целта не е само развој на дигитални плаќања, туку и намалување на зависноста од американските финансиски системи, како и отворање простор за нови блокчејн производи, токенизирани обврзници, недвижности и дигитални финансиски услуги.

Во меѓувреме, биткоинот неодамна падна и под 77.000 долари, како резултат на растот на приносите на американските државни обврзници и поскапувањето на нафтата. Сепак, аналитичарите посочуваат дека речиси 60 проценти од вкупната количина биткоини не била поместена повеќе од една година, што покажува дека голем дел од инвеститорите остануваат уверени во долгорочниот потенцијал.

Пазарите сега внимателно ги следат финансиските резултати на технолошките гиганти поврзани со вештачката интелигенција, новите податоци за инфлацијата во САД и идните законски регулативи околу криптовалутите.

Додека дел од капиталот моментално се префрла кон компаниите од секторот на вештачка интелигенција, финансиските аналитичари предупредуваат дека циклусите на пазарите постојано се менуваат и дека прашањето не е дали криптовалутите повторно ќе го привлечат вниманието на инвеститорите – туку кога ќе се случи тоа.

Share
Scroll to Top