Градежната компанија „Гранит“ го потпиша договорот со ЈП „Државни патишта“ за изградба на вториот дел од автопатот Скопје – Блаце, кој треба да ја поврзе македонската метропола со границата со Косово.
Според известувањето доставено до Македонската берза, вкупната вредност на договорот изнесува 13,62 милијарди денари, односно околу 222 милиони евра. Во сумата е вклучено и петгодишното одржување на автопатот.
Предмет на договорот е изградба на делница долга 10,5 километри. Таа ќе се надоврзе на веќе изградените 1,5 километри, со што вкупната должина на автопатската делница од Скопје до границата со Косово ќе достигне околу 12 километри.
Од „Гранит“ информираат дека рокот за изградба е 1.460 дена, односно точно четири години од воведувањето во работа.
Договорот, според компанијата, ги опфаќа изградбата на автопатот TEN-T Скопје – граница со Косово и неговото петгодишно одржување.
Со реализацијата на проектот се очекува значително да се подобри патната поврзаност меѓу Скопје и Косово и да се олесни транспортот и движењето на патници и стоки долж оваа важна регионална сообраќајна врска.






