Ана Петановска ќе пее на реномираниот музички фестивал „Белградска пролет“

Ана Петановска ќе пее на реномираниот музички фестивал „Белградска пролет“

пред 2 недели

Младата пејачка Ана Петановска, позната по моќните интерпретации и убавата насмевка, ќе настапи утревечер (20 април) на реномираниот музички фестивал „Белградска пролет“. Таа е единствената Македонка меѓу 19 изведувачи од целиот регион кои се во натпреварувачкиот дел на фестивалот, меѓу кои се Јелена Томашевиќ, Гоца Тржан, Екстра Нена, Ванна, Јасна Госпиќ, Бојан Маровиќ, Александар Човиќ и „Регина“, Данијел Алибабиќ.

Ана ќе изведе балада посветена на саканите што сме ги изгубиле, а чие присуство и понатаму го чувствуваме силно во себеси и насекаде околу нас како чиста љубов. Музиката за „Балада за ангел“ ја напиша Григор Копров, аранжманот е на Стефан Петановски, а текстот е на Душан Бачиќ.

Македонската публика ја знае 20-годишната Ана најмногу по настапите на врвни музички настани, како традиционалниот концерт на Националната опера и балет по повод празникот Василица, Оскаровската Гала вечер со филмска музика каде имаше и дует со извонредниот Христијан Тоневски, концертите на Камерниот оркестар на Битола со Ем Ти Ви хитови и концертот посветен на Тоше Проески.

На сите концерти ја восхити публиката со волшебниот глас и незаборавните изведби. Таа е пејачка која го остава срцето на сцена, а нејзината енергија и емоции остануваат долго по завршувањето на аплаузите.

Меѓу најистакнатите проекти во кои учествувала Ана се албумите “Architect of Reality” и “Eros” на Стефан Петановски, кој е исклучително талентиран гитарист, продуцент, аранжер и композитор.

Ана учествуваше на Евровизија 2022 како придружен вокал на Андреа во песната “Circles”, а истата година ја објави првата оригинална композиција “Haya” со што го одбележа почетокот на соло кариерата.

За тоа колку и` значи музиката Ана Петановска вели: „Музиката, тоа сум јас. Таа ме изгради како личност. Благословена сум што ми е дел од животот.“

По настапот на фестивалот во план се настапи на фестивали во регионот и солистички концерт.

Share
Scroll to Top