Ансамблот„Танец“ тргнува на голема балканска турнеја

Ансамблот„Танец“ тргнува на голема балканска турнеја

пред 6 часа

Националната Установа-Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, најавува голема балканска турнеја. Оваа турнеја , најавува организаторот, претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да го доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на нашите уметници.

Турнејата насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“, ќе опфати повеќе градови во соседните земји; 24.09.2025 година, со почеток од 19:30ч во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“, Валпово-Република Хрватска; 26.09.2025 година со почеток од 19ч во „Прешерново Гледалишче“,Крањ-Република Словенија; 28.09.2025 година со почеток од 19ч во Das MuTh – Konzertsaal, Bühne & Programm, Виена-Република Австрија; 30.09.2025година со почеток од 19ч во Домот за култура Лакташи, Лакташи-Босна и Херцеговина. Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма која вклучува дел од најпознатите и најавтентичните македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот.

„Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура ширум светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими, автентична музика „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена.

Оваа турнеја има за цел да го претстави и промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите.

Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија.

Оваа турнеја е повеќе од обични настапи; таа е културна мисија и со истата ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта“.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ има настапувано на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и зачувување на традицијата.

Share
Scroll to Top