Три дена откако Аца Лукас го прекина предновогодишниот концерт во Охрид оти му се слошило, тој пееше во преполн ноќен клуб во Струмица. Настапот на српскиот пејач во клубот „Аватар“ предизвика револт кај охриѓани. На социјалните мрежи тие пишуваат дека дале и по 100 евра за да се забавуваат со Лукас, а на крајот не само што тој не одржал концерт, туку организаторите не им вратиле ни дел од парите, а не закажале ни нов датум за негов настап за да им компензираат за трошокот.
Реакциите се уште поголеми оти Лукас на 31 декември имаше концерт за дочекот на Нова година во Белград, кој траеше скоро три часа.
„Срамота и ужас, плаќавме маси по 6000 денари“, „Во Охрид му се слоши, ама преку ноќ се излечи и си одржа концерт во Белград“, „Не е ни чудо што го однесоа со брза помош, воздух немаше. Ни земаа по 100 евра за маса, а продале десет пати повеќе карти само за да се наполнат со пари“, „Струмичани излегоа привилегирани, Лукас здрав ко дрен им пееше цела вечер“, се дел од реакциите на социјалните мрежи.
Оние што биле на концертот во Струмица велат дека Лукас растурил и имал одличен настап, го пофалија концертот, па пишуваат дека чекаат што поскоро да пее пак во нивниот град.
За потсетување, Лукас на 30 декември го прекина концертот во клубот „Хангар“ во Охрид оти му се слошило. Организаторите повикале брза помош и тој примил инфузија, но не се вратил на сцената. Изминатиот месец поради влошено здравје тој откажа неколку предновогодишни концерти во Србија.
Фото: Фејсбук
На Аца Лукас му се слоши среде концерт во Охрид, на пејачот му била дадена медицинска помош