Божиновска: Жените инженери се двигател на енергетската иднина на Македонија

Божиновска: Жените инженери се двигател на енергетската иднина на Македонија

пред 4 часа

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска упати порака по повод Меѓународниот ден на жените во инженерството, истакнувајќи дека жените сè почесто ја менуваат сликата во енергетскиот сектор и придонесуваат за клучните инфраструктурни и развојни проекти.

Таа нагласи дека има привилегија одблизу да ја следи работата на жените во инженерството, кои, како што рече, со својата прецизност, храброст и иновативност претставуваат важен столб во реализацијата на најзначајните енергетски проекти и процесот на зелена транзиција.

Божиновска посочи дека нејзин приоритет е уривање на стереотипите дека енергетиката е „машки свет“, потенцирајќи дека секоја девојка и жена инженер треба да има еднаква можност да учествува во носењето одлуки и креирањето политики.

Според неа, енергетската независност и развојот на државата бараат лидерство ослободено од родови предрасуди, бидејќи жените инженери не само што градат системи, туку придонесуваат и за поправедно и поодржливо општество.

Таа ја заврши пораката со став дека кога жените инженери се на лидерски позиции, тие создаваат посилни, поиновативни и поодржливи решенија за иднината.

Share
Scroll to Top