Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во Виена оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на австриското Сојузно министерство за економија, енергетика и туризам. Разговорите беа посветени на можностите за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Австрија во енергетскиот сектор.
Божиновска и Грубер разговараа за билатералните и економските односи, енергетската транзиција и актуелните предизвици во Европа. Тие разменија мислења и за зајакнување на контактите меѓу институциите, споделување искуства и отворање простор за нови партнерства.
„Продолжуваме да работиме на отворање нови можности и зајакнување на меѓународната соработка во интерес на енергетската сигурност и развојот на Македонија“, истакна Божиновска.
Средбата се одржа во рамки на нејзиниот престој во Виена, каде што учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“ на Дипломатската академија. Во текот на посетата Божиновска разговараше и со директорот на Академијата, амбасадорот Мартин Ајхтингер, за лидерството во јавната служба и значењето на меѓународната размена на искуства.
Предвидено е министерката да се обрати и пред студентите на Дипломатската академија. Во своето предавање ќе ги претстави состојбите во македонскиот енергетски сектор, развојот на обновливите извори, модернизацијата на инфраструктурата, енергетската сигурност и регионалното поврзување.
Од Министерството посочуваат дека посетата е дел од напорите македонските енергетски приоритети да се претстават пред европските партнери и да се отворат нови можности за соработка.






