Дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија, батериски системи за складирање енергија и подобра прекугранична размена биле меѓу темите на билатералната средба на министерката Сања Божиновска со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова во Белград.
Средбата се одржала на маргините на Вториот министерски самит за енергетика. Божиновска во својата објава наведе дека со Петрова разговарала за следните чекори за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Посебен акцент бил ставен на батериските системи за складирање енергија. Според Божиновска, искуството на Бугарија во оваа област може да биде значајно за Македонија. Двете министерки разговарале и за подобро поврзување на електроенергетските пазари, прекуграничната размена на струја и мерките за справување со енергетската сиромаштија.

Во разговорите била опфатена и Иницијативата Исток–Запад, која предвидува дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Се разгледувала и можноста за заеднички настап пред меѓународни финансиски институции за обезбедување поддршка за стратешки енергетски проекти.

Божиновска истакна дека соработката треба да продолжи и на оперативно ниво, преку поврзување на МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со нивните партнери во Бугарија и преку размена на конкретни знаења и искуства.
Целта, според министерката, е изградба на повеќе интерконекции, зголемување на преносните капацитети, подобро интегрирани пазари и посигурен енергетски систем за граѓаните и економијата.






