Божиновска: Интензивно напредува реализацијата на гасниот интерконектор со Грција

Божиновска: Интензивно напредува реализацијата на гасниот интерконектор со Грција

пред 2 часа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со НОМАГАС и грчкиот оператор на гасниот преносен систем ДЕСФА (DESFA), ги усогласија следните чекори за реализација на гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција – еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти за државата и регионот.

На работните средби одржани во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на кои присуствуваа министерката Сања Божиновска, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, и главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца, беа разгледани тековните активности за изградба на интерконекторот на двете страни од границата, како и динамиката за реализација на договорните обврски.

Во фокусот на разговорите беше потврдената заедничка определба проектот да се реализира во согласност со утврдените рокови, преку интензивна координација меѓу институциите и операторите, со цел да се обезбеди нов, сигурен и диверзифициран пристап до природен гас за Македонија

На средбите беше потврдена заедничката оценка дека гасоводниот интерконектор ќе биде завршен во текот на наредната година, во согласност со утврдените рокови и планови за реализација.

На средбата меѓу министерката Божиновска и главната извршна директорка на ДЕСФА, посебен акцент беше ставен и на регионалната иницијатива „Вертикален гасен коридор“, која претставува значајна можност за унапредување на енергетската поврзаност, зајакнување на сигурноста во снабдувањето и интеграција на националните пазари во пошироките европски енергетски текови.

„Гасоводниот интерконектор со Грција е стратешки проект кој директно ја зајакнува енергетската безбедност на државата и отвора нови можности за диверзификација на снабдувањето. Нашата цел е Македонија да обезбеди стабилен пристап до различни извори и правци на енергија, а ваквите инфраструктурни поврзувања се клучни за поголема независност, конкурентност и отпорност на енергетскиот систем“, истакна министерката Сања Божиновска.

Извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, нагласи дека успешната реализација на проектот бара континуирана координација и партнерство меѓу сите вклучени страни, додека главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца, ја потврди посветеноста на грчкиот оператор за навремена и успешна реализација на интерконекторот.

Гасоводниот интерконектор со Грција претставува клучна инвестиција во енергетската иднина на Македонија. Со неговата реализација, државата ќе обезбеди пристап до нови извори на природен гас, ќе ја зајакне сопствената енергетска сигурност и ќе го унапреди своето позиционирање во регионалната и европската енергетска инфраструктура.

Share
Scroll to Top