Владата ја продолжи повластената стапка на ДДВ од 10 отсто за дизел-горивото до 12 октомври, објави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Мерката се продолжува во услови на притисок од цените на горивата на светските пазари.
„Кога светските цени на горивата создаваат притисок дома, наша обврска е да реагираме навреме“, наведе Божиновска во објавата.
Таа посочи дека дизелот е важен трошок за транспортот и снабдувањето, поради што продолжувањето на повластената даночна стапка има цел да го ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството.
„Продолжуваме внимателно да ги следиме пазарите и да носиме одговорни одлуки за заштита на животниот стандард“, порача Божиновска.






