Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе обезбеди поддршка и покровителство за Националниот натпревар за најдобар бизнис-концепт за зелени иновации, наменет за средношколци.
Иницијативата ја најави министерката Сања Божиновска на настанот „Европска ноќ на истражувачите“, кој се одржа во Куќата на науката при Македонската академија на науките и уметностите.
На годинашниот натпревар учествуваат 42 средношколски тима, кои ги претставуваат своите идеи, проекти и решенија од областа на зелените иновации.
Божиновска порача дека вложувањето во знаењето и креативноста на младите претставува директна инвестиција во зелената и одржлива иднина на државата.
„Инвестицијата во младите е инвестиција во зелената иднина“, истакна министерката, додавајќи дека учесниците преку своите проекти покажуваат знаење, креативност и храброст да создаваат нови решенија.
Според неа, институциите имаат обврска да создадат услови во кои иновативните идеи на младите ќе можат да се развиваат, да добијат соодветна поддршка и на крајот да прераснат во конкретни и применливи решенија.
„Истражувајте. Експериментирајте. Создавајте. Младите не се само иднината – тие се креатори на промените што ги правиме денес“, порача Божиновска.






