Божиновска: Соларната енергија е сегашноста, но идниот развој бара ред, план и силна мрежа

Божиновска: Соларната енергија е сегашноста, но идниот развој бара ред, план и силна мрежа

пред 1 час

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја отвори петтата Годишна соларна конференција во организација на „Солар Македонија“, од каде порача дека соларната енергија одамна е дел од енергетската сегашност на државата, но нејзиниот понатамошен развој мора да се одвива плански, предвидливо и без да се загрози стабилноста на системот.

Во обраќањето пред домашни и странски експерти, инвеститори и претставници од енергетскиот сектор, Божиновска истакна дека приоритет на Министерството е создавање сигурен и стабилен енергетски систем, кој ќе биде во интерес и на граѓаните и на сериозните инвеститори.

Инвестициите мора да се усогласат со можностите на мрежата

Министерката нагласи дека новите инвестиции во обновливи извори на енергија мора да бидат усогласени со реалните капацитети на преносната и дистрибутивната мрежа.

Според неа, брзиот развој на соларната енергија мора да биде проследен со соодветно планирање и со заштита на стабилноста на електроенергетскиот систем.

Со новата законска рамка и воведувањето годишни планови за развој на енергетската инфраструктура, однапред ќе се утврдува каде, кога и каков вид нови енергетски капацитети можат да се градат.

Целта е да се обезбедат поголема предвидливост за инвеститорите, подобра контрола за државата и поефикасно користење на постојната инфраструктура.

Дигитализација, батерии и зелен водород

Божиновска посочи дека паралелно со изградбата на нови зелени производствени капацитети, интензивно се работи и на зајакнување и дигитализација на електроенергетската мрежа.

Меѓу приоритетите се и развојот на системи за батериско складирање на електричната енергија и подготовката за примена на нови технологии, вклучително и зелениот водород.

Овие инвестиции треба да овозможат подобро балансирање на производството од обновливите извори, поголема флексибилност и зголемена сигурност на целиот енергетски систем.

Исти правила за сите инвеститори

Министерката нагласи дека државата останува отворена за сите инвеститори кои сакаат да работат транспарентно, одговорно и во согласност со законите.

Правилата, како што порача, мора да бидат јасни и еднакви за сите, со цел да се обезбедат сигурни инвестиции, стабилен енергетски систем и достапна енергија за граѓаните.

„Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија. Да ја градиме енергетиката на Македонија – со повеќе сонце, повеќе инвестиции, посилна мрежа и јасен план за иднината“, порача Божиновска.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Share
Scroll to Top