Болницата Ихилов во Тел Авив, Израел, објави дека го затворила последниот активен оддел за лекување на пациенти заразени со коронавирус.
„Се враќаме да им служиме на сите пациенти, и оние кои имаат и кои немаат коронавирус“, информираа од болницата.
Во Израел во моментов има околу 10.000 активни случаи на ковид. Повеќе од половината од населението од 9,3 милиони жители, досега примиле две дози вакцина против коронавирусот, соопштија израелските власти. Брзото спроведување на имунизацијата придонесе Израел прв да почне да ги укинува строгите ограничувња воведени во борба против епидемијата, пренесува „Ројтерс“.
Дистрибуцијата на вакцината Фајзер во Израел започна во декември, а сите граѓани над 16 години можеа да ја примат. Се смета дека оние кои ја примиле, една недела по втората доза се целосно заштитени од можна инфекција.
Според државните власти, Израел е на работ на пост-пандемиска нормалност. Баровите се отвораат, стадионите се полнат, вакцинираните не носат маските, а и израелската економија ги чувствува првите придобивки од брзата вакцинација, стои во написот на „Ројтерс“.
И светските медиуми често објавуваат слики и видеа од улиците на израелските градови кои се преполни со луѓе.
„Сликите од Израел даваат надеж дека животот и во остатокот од светот наскоро ќе почне да се нормализира“, пишуваат на Твитер.