Македонскиот голман Борко Ристовски денес ја одржа закажаната прес конференција во хотелот Сити Парк, на која на јавноста и ја објасни четиригодишната суспензија која му беше поднесена од претседателот на МОК, Даниел Димевски за изнесени клевети и невистини во телевизиска емисија.
Борко дојде со адвокатот Гого Анастасијевиќ, кој рече дека со суспензијата од МОК, Димевски само сакал да го заплаши неговиот клиент и дека нејзиниот опсег не го задира ракометарот во неговата работа.
Борко рече дека нема да ја почитува одлуката и ќе го тужи МОК со Димевски како нејзин претседател во спортскиот суд во Лозана, каде очекува да го добие случајот и паричен надоместок во висина од 180.000 до 230.000 илјади евра. Парите ќе ги донира за хуманитарни цели, односно по половина ќе ги подели на фудбалскиот и ракометен клуб Вардар.
„Немам намера да се кандидирам за претседател на МОК, а парите од потенцијалната добиена тужба во Лозана, која треба да изнесува во висина од 180.000 до 230.000 илјади евра ќе ја донирам на фудбалскиот и ракометен клуб на Вардар“, рече Борко и додаде дека одлуката на Димевски се базира на страв и немоќ.
„Мисли дека ќе ме одврати од тоа што сум го зацртал. Можеше да поднесе тужба за клевета, но се одлучи да се сокрие зад „МОК“. Ние не ја почитуваме, и нема да се жалиме. Нема да им даваме легитимитет на нивни интерни одлуки. Мојата борба е да се тргнат ваквите луѓе од спортот. Димевски се прецени и мислеше дека со ваква банална работа ќе ме заплаши, но, напротив, само ме мотивираше“, рече Ристовски.
Голманот на Вардар на крајот ги повика Јавното обинителство и Антикорупциската комисија да се позанинаваат со „МОК“ и со Даниел Димевски и објави документи од како што рече неговите нелегални активности.
Љубиша Владимиров