Холивудската ѕвезда Бред Пит и неговата партнерка Инес де Рамон повторно го привлекоа вниманието на јавноста, откако заедно се појавија на финалето на женскиот турнир Ролан Гарос во Париз.
Актерот и дизајнерката на накит беа меѓу бројните познати личности кои од трибините на легендарниот терен „Филип Шатрие“ го следеа возбудливото финале, а нивното присуство не остана незабележано од фотографите и присутните гледачи.
Шеесет и двегодишниот Пит, кој важи за голем љубител на тенисот, внимателно го следеше секој поен од мечот. Тој се појави со препознатливиот изглед, брада и темни очила за сонце, додека 33-годишната Инес де Рамон пленеше со елегантна комбинација составена од крем фустан и зелена кожна јакна.
Во текот на натпреварот двојката речиси не се одвојуваше еден од друг, а камерите забележаа бројни моменти во кои заедно ги следеа најинтересните случувања на теренот.
Бред Пит и Инес де Рамон се во љубовна врска од 2022 година, а нивната романса постепено прерасна во една од најследените во светот на шоу-бизнисот. Оттогаш тие редовно се појавуваат заедно на јавни настани, иако приватниот живот настојуваат да го држат подалеку од медиумите.
Нивното појавување во француската престолнина доаѓа само неколку дена откако Пит присуствуваше на легендарната мотоциклистичка трка „Ајл оф Мен ТТ“, која претставува инспирација за неговиот нов филмски проект што моментално е во продукција.
Иако на љубовен план актерот ужива стабилна врска, неговиот приватен живот и понатаму е предмет на медиумско внимание поради односите со децата што ги има од бракот со Анџелина Џоли.
Најголем интерес во јавноста предизвика нивната ќерка Шајло, која во 2024 година и официјално го отстрани презимето Пит од своето име. Пред неа, и Захара јавно се претставуваше само со презимето Џоли, додека Вивиен во своите театарски проекти исто така го користеше презимето на мајка си.
Според дел од американските медиуми, и најстариот син Медокс наводно повеќе не го користи презимето Пит, што дополнително ги поттикна шпекулациите за нарушените семејни односи меѓу актерот и неговите деца.
Сепак, на Ролан Гарос сите погледи беа насочени кон Бред Пит и Инес де Рамон, кои уште еднаш покажаа дека се меѓу највлијателните и најследени парови во светот на славните личности.






