(ВИДЕО) Балогун ја запали Америка: САД со четири гола го декласираа Парагвај на отворањето на Мундијалот

(ВИДЕО) Балогун ја запали Америка: САД со четири гола го декласираа Парагвај на отворањето на Мундијалот

пред 2 часа

Фудбалската репрезентација на Соединетите Американски Држави со убедлива победа го отвори настапот на Светското првенство, совладувајќи го Парагвај со 4:1 пред своите навивачи во Лос Анџелес.

Американците одиграа доминантно прво полувреме, во кое практично го решија прашањето за победникот. Домашната селекција уште од стартот наметна високо темпо, притисна кон голот на противникот и брзо стигна до предност.

Првиот гол падна во седмата минута, кога Дамијан Бобадиља несреќно ја погоди сопствената мрежа по брза акција на американскиот тим. Раниот погодок им даде дополнителна сигурност на домаќините, кои продолжија да напаѓаат и целосно ја контролираа играта.

Во 31. минута предноста беше зголемена. Кристијан Пулишиќ одлично проби по левата страна и го пронајде Фоларин Балогун, а напаѓачот на Монако рутински ја испрати топката во мрежата за 2:0.

Балогун повторно беше во центарот на вниманието до крајот на првиот дел. По асистенција на Малик Тилман, тој уште еднаш прецизно реализираше и се погрижи САД на пауза да замине со убедливи 3:0.

Во второто полувреме Американците го намалија ритамот, што Парагвај го искористи за да воспостави подобра рамнотежа на теренот. Јужноамериканската селекција успеа да намали во 73. минута, кога Хулио Енсисо ја проби домашната одбрана и му асистираше на Маурисио, кој погоди за 3:1.

Сепак, секоја надеж за драматична завршница ја уништи Џовани Рејна во судиското продолжение. Во осмата минута од надополнувањето, Рејна постигна прекрасен погодок и го постави конечниот резултат – 4:1 за САД.

Со оваа победа, Американците испратија јасна порака дека имаат високи амбиции на турнирот. Балогун беше прво име на натпреварот со два постигнати гола, додека Пулишиќ и Рејна уште еднаш ја потврдија клучната улога во нападот на домаќинот.

Во следното коло од групата Д, САД ќе игра против Австралија, додека Парагвај ќе се обиде да ги освои првите бодови против Турција.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Share
Scroll to Top