Дел од документарниот филм „Кралско семејство“, кој кралицата Елизабета забранила да се прикажува во јавноста во 1972 година, по 49 години е објавен на Јутјуб. Видеото што се појави на интернет трае скоро 3 минути, иако документарецот е долг 90. За овој филм, кој е снимен 1969 година, Британците велат дека е најголемата телевизиска тајна во последните пет децении.
Кралицата Елизабета првично нарачала документарен филм од националната телевизија „Би-би-си“ за да покаже дека кралското семејство не се разликува премногу од обичниот свет. Во тоа време имало многу критики дека другите високи членови се премногу дистанцирани и студени во однос на јавноста. Но, откако филмот е прикажан на телевизија, таа се премислила. Сметала дека на овој начин ќе биде разбиена мистеријата на кралското семејство во очите на граѓаните на Англија.
Во третата сезона на серијата „Круна“, која го следи кралското семејство со децении, една епизода е целосно посветена на познатото снимање на документарецот и на тоа како реагирала кралицата кога го видела.