Македонскиот диџеј и продуцент Галоски бележи нов значаен успех на меѓународната електронска сцена. Неговата песна „Чекор“ („Step“) се најде на деветтото место меѓу десетте најпуштани песни од светските диџеи во изминатиот месец, според податоците на платформата „1001 Tracklists“.
На листата, покрај Галоски, се наоѓаат и изданија на големи имиња од светската електронска музика, меѓу кои Swedish House Mafia, Meduza, Cloonee и Adriatique, што дополнително ја зголемува тежината на овој успех.
„Чекор“ е независно издание
Песната „Чекор“ е објавена независно преку „Side Effects“, новата издавачка куќа на Галоски.
Во текот на август, македонскиот продуцент објави две нови песни – „Чекор“ и „Дојди поблиску“ („Come Closer“), со што продолжи активно да ја гради својата меѓународна дискографија.
Фактот што „Чекор“ за само еден месец успеа да влезе меѓу најпуштаните траки од светските диџеи претставува уште една потврда за растечката препознатливост на Галоски надвор од Македонија.
Неговата музика ја пуштаат Дејвид Гета, Армин ван Бурен и Мартин Гарикс
Летово музиката на Галоски беше застапена во сетови и радиоемисии на некои од најголемите имиња во електронската музика.
Неговите изданија биле пуштани од Дејвид Гета, Swedish House Mafia, Армин ван Бурен, Мартин Гарикс, Феде ле Гранд и Ники Ромеро.
Станува збор за диџеи и продуценти со глобално влијание, чии сетови и радиоемисии ги следи милионска публика, па ваквата поддршка претставува значаен чекор за дополнителна меѓународна афирмација.
Следува ново издание на 11 септември
Галоски нема да застане на „Чекор“.
Веќе на 11 септември треба да објави нова музика за „Smash The House“, издавачката куќа зад која стојат светски познатите Димитри Вегас и Лајк Мајк.
Уште едно ново издание е најавено и за октомври.
Со влезот на „Чекор“ меѓу десетте најпуштани песни, поддршката од најголемите светски диџеи и новите изданија што следуваат, Галоски продолжува да го зацврстува своето место на меѓународната електронска сцена и да ја носи македонската музичка продукција пред глобална публика.






