Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека во изминатите девет месеци, преку развојните програми, се обезбедени инвестиции во вредност од 990 милиони денари за реализација на капитални проекти во општината.
Во обраќањето до прилепчани, Проданоски истакна дека заедно со Советот на Општината работеле со, како што вели, чесен, одговорен и домаќински пристап, со цел да се придвижат проектите важни за развојот на градот.
„Зад нас се девет месеци посветена работа, период во кој заедно со Советот покажавме дека со чесен, одговорен и домаќински пристап работите можат да се придвижат во општина Прилеп“, порача Проданоски.
Според него, покрај обезбедените 990 милиони денари за капитални инвестиции, повеќе од 15 милиони денари се вложени само во изработка на проектна документација, како основа за реализација на нови инфраструктурни зафати.
Проданоски соопшти и дека е успешно завршена најголемата јавна набавка, во вредност од 168 милиони денари, наменета за рехабилитација на улици, тротоари и локални патишта. Реализацијата на овие активности, како што најави, треба да започне наскоро.
Во полн ек се и подготовките за повеќе проекти кои, според Проданоски, граѓаните ги очекуваат со години. Меѓу нив е комплетната обнова на подземната инфраструктура и асфалтирањето на централното градско јадро во делот кај Орта Џамија.
Се подготвуваат и проектите за обиколницата „Запад“ и за индустриската зона „Комфи Ангел“, како и проект за проширување на малото мовче на улицата „Цане Илиески“. Со овој зафат се предвидува создавање трет мост во низа, со цел растоварување и подобрување на сообраќајот во овој дел од градот.
Во подготовка се и проекти за улиците „Александар Македонски“, „Зеленгора“ и „Егејска“, како и за целосна реконструкција на инфраструктурата во населбата „Сточен Пазар“. Проданоски најави дека паралелно се работи и на повеќе други проекти кои се наоѓаат во различни фази на подготовка и реализација.
Тој нагласи дека останува секојдневно присутен на терен и во непосредна комуникација со граѓаните, посочувајќи дека нивните предлози, идеи и забелешки се важен дел од работата на локалната самоуправа.
„За мене нема затворени врати, ниту неважни прашања. Тука сум да го слушнам секој предлог, секоја идеја и секоја забелешка, затоа што само заедно можеме да го изградиме Прилеп каков што го заслужуваме“, порача Проданоски.
Тој најави дека и во следниот период работата ќе продолжи со исто темпо, посветено и одговорно, со фокус на реализација на капиталните инфраструктурни проекти и подобрување на условите за живот на граѓаните на Прилеп.






