Евровизиската еуфорија очигледно стигна и до семејството Ѓоковиќ, а српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека и покрај рекордите, титулите и турнирите, најголемата улога во неговиот живот останува – улогата на татко.
Додека деновиве е фокусиран на настапите на Ролан Гарос, Новак секој слободен момент го користи за време поминато со своето семејство. Токму едно такво семејно видео стана вистински хит на социјалните мрежи, откако тој и неговата ќерка Тара беа снимени како танцуваат на песната „Бангаранга“ на бугарската пејачка Дара. Видеото за кратко време стана вирално и предизвика илјадници реакции на интернет.
Таткото и ќерката пред шарена сценографија изведоа своја кореографија инспирирана од актуелниот хит, а многумина коментираа дека токму природноста и веселата атмосфера го направиле видеото толку симпатично за публиката.
Особено внимание привлече фактот што самата Дара, која со „Бангаранга“ предизвика голема музичка еуфорија, го сподели видеото на своите профили и не го криеше воодушевувањето од танцот на Ѓоковиќ и неговата ќерка.
Ова не е првпат Тара да го „вовлече“ својот татко во светот на танцот и забавата. Во повеќе наврати Новак откривал дека неговата ќерка сака танц, гимнастика и различни кореографии, а токму таа често го учи нови движења и го мотивира да биде дел од семејните забавни моменти.
Фановите веднаш ја преплавија објавата со коментари, а многумина напишаа дека токму ваквите моменти го прикажуваат Ѓоковиќ во неговото најприродно издание – далеку од тенискиот терен, како татко кој без двоумење знае да се опушти и да ужива со своите деца.






