(ВИДЕО) Француски алпинист без заштитна опрема се искачи на Varso Tower - највисокиот облакодер во ЕУ

(ВИДЕО) Француски алпинист без заштитна опрема се искачи на Varso Tower – највисокиот облакодер во ЕУ

пред 1 час

Дваесет и четиригодишниот француски урбан алпинист Титуан Ледук се искачил по фасадата на „Варсо тауер“ во Варшава без јаже, појас или каква било друга безбедносна опрема.

Ризичниот потфат, изведен во септември 2025 година, го следеле стотици граѓани собрани околу зградата. Додека Ледук напредувал по стаклената фасада, на терен пристигнале полициски и противпожарни екипи, меѓу кои и специјализирана единица за спасување на големи височини.

„Варсо тауер“ е висок 310 метри и важи за највисока зграда во Европската Унија. Французинот стигнал до главниот покрив, кој се наоѓа на височина од околу 230 метри, каде што го пречекале полициски службеници.

Во безбедносната операција биле вклучени пет противпожарни екипи, а во подножјето на облакодерот биле поставени и спасувачки воздушни перничиња. По завршувањето на искачувањето, Ледук бил приведен и однесен во полициско возило.

Полските власти соопштиле дека ќе ги анализираат снимките и останатите докази за да утврдат со какви последици ќе се соочи Французинот. За неговото сослушување бил потребен и преведувач.

Ледук е познат по екстремните искачувања без заштитна опрема. Неколку месеци претходно тој се искачил и на варшавскиот хотел „Президеншл“, поранешниот „Мериот“. Со потфатот на „Варсо тауер“ станал првиот човек што стигнал до врвот на зградата искачувајќи се по нејзината надворешна фасада.

Share
Scroll to Top