(ВИДЕО+ФОТО) Next Time со нова емотивна песна: „Славам“ е посветена на пријателството, кумството и спомените што траат засекогаш

(ВИДЕО+ФОТО) Next Time со нова емотивна песна: „Славам“ е посветена на пријателството, кумството и спомените што траат засекогаш

пред 6 часа

Македонското музичко дуо Next Time, составено од браќата Мартин и Стефан Филиповски, ја промовираше својата нова авторска песна „Славам“ – емотивна музичка приказна која зборува за пријателството, братството, кумството и луѓето кои, без разлика каде се наоѓаат, засекогаш остануваат дел од нашите животи.

„Еј, другари, браќа, дигнете чаша за спомените…“ се стиховите што ја носат главната порака на песната, која уште со првото слушање освојува со својата искреност и силна емоција.

За разлика од нивните досегашни проекти инспирирани од македонската традиција и историја, овојпат Next Time на публиката ѝ претставуваат целосно авторска песна, со современ звук и длабока лична приказна.

Инспирацијата за „Славам“ произлегла од еден посебен момент во животот на Стефан Филиповски – неговата свадба.

„На самата свадба, поради тоа што мојот кум е Македонец од Австралија, почнав да си мислам што ако, дај Боже, еден ден имам дете и на најубавиот ден во неговиот живот, мојот кум не биде во можност да дојде и да биде тука поради оддалеченоста. Таа мисла ми остана и од неа се роди една емоција која подоцна прерасна во песната ‘Славам’“, раскажува Стефан Филиповски.

Песната е посветена на сите оние луѓе со кои ги делиме најубавите животни моменти – пријателите што ги нарекуваме браќа, кумовите, семејството и спомените што остануваат засекогаш.

Посебна димензија на проектот му дава и видеоспотот, кој е снимен во живописната Тоскана, Италија. Режијата ја потпишува Steady Flow, кој преку впечатливите кадри успева да ја пренесе топлината, искреноста и емоцијата што ја носи песната.

Музиката и аранжманот се дело на Николче Мицевски, додека текстот го напишаа Стефан Филиповски и Марко Маринковиќ – Слаткар.

Со „Славам“, Next Time уште еднаш покажуваат дека нивната музика не е само мелодија, туку и силна животна приказна исполнета со емоции и пораки што лесно допираат до публиката.

Покрај промоцијата на новата песна, дуото интензивно се подготвува и за големиот концерт во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој ќе се одржи на 27 ноември.

До тогаш, од бендот најавуваат уште нови музички проекти и изненадувања, а песната „Славам“ заедно со официјалниот видеоспот веќе е достапна на сите дигитални платформи и на официјалниот YouTube канал на Next Time.

Share
Scroll to Top