Џорџ и Амал Клуни беа домаќини на меѓународна група филантропи, лидери и блиски пријатели за време на повеќедневен добротворен настан на езерото Комо во Италија.
Четиридневната програма била посветена на каузите што ги поддржуваат познатиот актер и адвокатката за човекови права преку нивната Фондација за правда – „Clooney Foundation for Justice“.
Настаните биле организирани на повеќе престижни локации покрај езерото, меѓу кои луксузниот хотел „Passalacqua“ и историската „Villa del Balbianello“. Програмата опфатила свечени вечери, разговори и дружења осмислени да ги поврзат гостите и да поттикнат поддршка за избраните добротворни цели, покажуваат фотографиите на Грег Финк.
ВЕЧЕРА СО ПОГЛЕД КОН ЕЗЕРОТО
Еден од централните настани била елегантната вечера во хотелот „Passalacqua“, на која Џорџ и Амал пристигнале со своите осумгодишни близнаци Ела и Александар. Двојката ретко ги изложува децата во јавноста, па нивните лица на објавените фотографии биле замаглени.
Гостите уживале на отворено, покрај раскошно украсени маси со цветни и овошни аранжмани, додека во заднината се простирале езерото и околните планини.
Амал Клуни, која има 48 години, за вечерта избрала долг црн фустан со тенки прерамки и разнобоен цветен вез. Изгледот го надополнила со отворени потпетици, златни обетки, темни очила и мала црвена чанта украсена со црвени мониста.
Шеесет и петгодишниот Џорџ Клуни се појавил во елегантен светлосив костум и бела кошула, објави „Harper’s Bazaar“.
„НОЌ ШТО НЕМА ДА ЈА ЗАБОРАВАМ“
Меѓу гостите била и познатата астрологка Анџела Перл, која на социјалните мрежи сподели фотографии од вечерата и прекрасниот поглед кон езерото.
„Толку посебна вечер на езерото Комо. Ми беше чест да бидам гостинка“, напиша таа во објавата на Инстаграм.
Таа додаде дека уживала во добрата храна, погледите, друштвото и разговорите, опишувајќи го настанот како вечер што долго ќе ја памети.
СТРОГИ ПРАВИЛА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИВАТНОСТА
Џорџ и Амал Клуни се познати по внимателното чување на приватноста, особено кога станува збор за нивните деца и гостите што ги посетуваат.
Амал претходно откри дека во нивните домови имаат посебна корпа во која посетителите ги оставаат мобилните телефони. Правилото треба да го спречи неовластеното фотографирање и да им овозможи на присутните да разговараат без страв дека приватните моменти ќе се појават во јавноста.
Не е потврдено дали истото правило важело и на сите локации од четиридневната програма, но од настанот беа споделени само внимателно избрани фотографии и видеоснимки.
ВИЛАТА ВО КОЈА ЗАПОЧНАЛА НИВНАТА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА
Семејството Клуни традиционално поминува дел од летото во својата Вила Олеандра во гратчето Лаљо. Станува збор за имот од 18 век, кој Џорџ го купил во 2002 година.
Во медиумите низ годините се појавуваа различни процени за вредноста на имотот – од околу 100 до 107 милиони долари. Станува збор за неофицијални процени, а Клуни во 2023 година ги демантираше тогашните извештаи дека планира да ја продаде вилата, пишуваше „Форбс“.
Имотот има и големо емотивно значење за двојката. Џорџ и Амал се запознале токму таму во јули 2013 година, кога заеднички пријател ја донел Амал на вечера во вилата.
Актерот подоцна раскажал дека неговите родители исто така биле присутни и дека тој и Амал разговарале цела ноќ. По неколкумесечна комуникација преку писма и електронска пошта, ја имале првата официјална средба во Лондон. Се венчаа во Венеција во септември 2014 година, а три години подоцна ги добија близнаците Ела и Александар, потсетува People.
Езерото Комо затоа не е само нивно омилено летно одморалиште, туку и местото каде што започнала нивната љубовна приказна. Овојпат живописната италијанска област послужи како сцена за спој на филантропијата, приватното дружење и препознатливата елеганција на семејството Клуни.






