Вирално видео стигна до Тејлор Свифт – следуваше изненадување што никој не го очекуваше

Вирално видео стигна до Тејлор Свифт – следуваше изненадување што никој не го очекуваше

пред 3 часа

Едно мало хартиено авионче, една музичка желба и случајна средба со сосед успеаја да создадат приказна која за неколку недели го обиколи интернетот и стигна до една од најголемите музички ѕвезди на денешницата. Осумгодишната Медлин од Кливленд доживеа момент што веројатно ќе го памети цел живот, откако лично Тејлор Свифт ја изненади со потпишана гитара и рачно напишана порака.

Приказната започнала во април кога малата Медлин, слушајќи го својот нов сосед Итан Хејс како свири гитара во дворот, одлучила да му испрати необично барање. Бидејќи била премногу срамежлива директно да му се обрати, земала лист хартија, напишала порака и ја претворила во хартиено авионче кое го фрлила преку оградата.

Во пораката стоело едноставно прашање – дали може да отсвири песна од Тејлор Свифт.

Дваесет и шестгодишниот Итан Хејс, кој професионално се занимава со музика, го прочитал писмото и веднаш решил да ѝ ја исполни желбата. Од својот трем ја отсвирел легендарната песна „Love Story“, големиот хит на Тејлор Свифт од 2008 година, додека Медлин од прозорецот пеела заедно со него.

Нејзината мајка Натали го снимила целиот момент и го објавила на ТикТок со опис:

„Нашата ќерка испрати хартиено авионче до нашиот нов сосед и се случи ова…“

Никој од семејството не очекувал што ќе следува. За кратко време видеото собра речиси четири милиони прегледи и почна масовно да се споделува низ социјалните мрежи.

Најголемото изненадување дошло кога видеото стигнало до самата Тејлор Свифт.

Пејачката одлучила лично да ја награди малата обожавателка. Таа испратила потпишана гитара за Медлин, а изненадување добил и соседот Итан Хејс – и нему му пристигнала потпишана гитара.

Во рачно напишаното писмо до девојчето, Тејлор напишала:

„Драга Медлин, сакам да знаеш дека многу ме израдува тоа што го замоли својот сосед да ја отсвири мојата песна. Ми донесе огромна насмевка на лицето. Ти испраќам твоја сопствена гитара, доколку еден ден посакаш и самата да научиш да свириш. Ти испраќам многу љубов.“

Итан Хејс призна дека бил шокиран кога добил повик од тимот на Тејлор Свифт.

„Ми рекоа: Тејлор го виде видеото и сакаме да ви испратиме нешто. Не кажувајте никому додека не стигне“, изјавил музичарот.

Тој очекувал можеби потпишан постер или фотографија, но не ни помислувал дека ќе добијат гитари.

„Тоа беше неверојатно“, рекол тој.

Мајката Натали откри дека идејата на нејзината ќерка била една од најслатките работи што некогаш ги направила.

„Таа само побара хартија и рече дека сака да му испрати порака. Во тој момент не можевме ни да замислиме дека сето тоа ќе стигне до Тејлор Свифт“, изјавила таа.

Инаку, Тејлор Свифт веќе со години е позната по своите лични изненадувања за фановите. Во минатото испраќала подароци, финансиски бонуси за членови на својата екипа, а често правела и неочекувани средби со обожаватели.

Додека во приватниот живот се појавуваат информации дека пејачката и нејзиниот свршеник Тревис Келси поминуваат сè повеќе време заедно, оваа приказна уште еднаш потврди зошто многумина ја сметаат не само за светска музичка ѕвезда, туку и за личност која знае како да ги изненади луѓето на најчовечки начин.

Share
Scroll to Top