Влатко и Силви Плевнеш 30 години се на музичката сцена. Познатиот „Силви бенд“ летово ќе го одбележи јубилејот со концерт на Долни Сарај во Охрид. Таму првпат пред публика ќе ја испеат „Ја излези стара мајко на пенџерето“, песна за која Влатко е емотивно врзан бидејќи раскажува приказна за девојка што во турско време живеела во неговата семејна куќа во Охрид.
„Песната има интересна историја, поврзана лично со моето семејство, а собата што се споменува, од каде што девојката го гледала Осман-бег како оди по калдрмата, е истата онаа соба каде што спиеме со Силви кога одиме кај моите во Охрид“, ни раскажа Влатко.
Приказни имаат многу. Но, малкумина знаат дека пред да почнат да пеат заедно, Силви и Влатко биле две години во врска. Во тоа време Влатко свирел во групата „Тао“ со најголемите ју-ѕвезди, Здравко Чолиќ, Вајта…, а Силви секаде патувала со него.
„Тоа време, кога одевме на турнеи низ Југославија, за мене е едно од најубавите во животот. Со Влатко уживавме и во патувањата и во љубовта“, се сеќава Силви. Ни откри дека се запознале на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа дошла на студии од Ниш, а тој бил втора година. „Цело време беше околу мене, каде и да се свртам, ќе се појавеше од некаде“, вели Силви, а Влатко додава: „Ја бркав една година. Во неа беа заљубени сите студенти, па и професорите се вртеа по неа. Полесно ќе ми беше да го освојам Монт Еверест“, се шегува тој.
Иако се во брак речиси три децении и ја имаат ќерката Деа, која е музичар, на почетокот на врската не им било воопшто лесно. Поради ромското потекло на Силви, се соочиле со предрасуди, најмногу од семејството на Влатко. „Само поради неговата упорност, но и затоа што мојата добрина ги смири, не дозволивме никој да ни ја уништи врската“, вели Силви за „Репортер“.
За односот со свекрвата денес, за навредите што ги трпела како дете, но и за советите од мајка си како да се издигне над ситуацијата, Силви зборува со многу емоции. Тука се и муабетите за ќерката Деа, за ромските корени, првите живи свирки во Скопје, како им е кога ќе се скараат на минута пред настап… гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска