Влатко Стефановски со Посебно признание на Вуковар Филм Фестивалот за придонес во филмската музика

Влатко Стефановски со Посебно признание на Вуковар Филм Фестивалот за придонес во филмската музика

пред 2 часа

Македонскиот гитарист и композитор Влатко Стефановски е добитник на Посебното признание за придонес во филмската музика на јубилејното, 20. издание на Вуковар Филм Фестивалот.

Признанието му беше врачено на свечената церемонија во Хрватскиот дом во Вуковар, а го доделуваат Croatia Records и CMC телевизија, медиумски партнери на фестивалот.

Во кариера подолга од пет децении, Стефановски создавал музика за бројни филмски, телевизиски и анимирани проекти, оставајќи препознатлив авторски печат со својот специфичен гитарски израз.

„Неговата гитара не е само инструмент, туку и раскажувач“

Главната и одговорна уредничка на Croatia Records, Клаудија Чулар, при врачувањето на признанието истакна дека музиката е еден од најсилните емотивни јазици на филмот.

„Музиката во филмот е неговиот емотивен јазик, а Влатковата гитара често не е само инструмент, туку и раскажувач“, истакна Чулар.

Таа потсети дека Стефановски својата прва филмска музика ја компонирал уште во 1979 година за анимираниот филм „Циркус“, додека „Gypsy Song“ од филмот „Gypsy Magic“ подоцна стана голем регионален хит.

Стефановски: Работата на филм е посебен предизвик

Примајќи го признанието, Стефановски рече дека е почестен и пријатно изненаден од наградата.

„Во моите 50 години кариера се насобраа многу композиции за различни телевизиски и филмски проекти. Работењето на филм е навистина захтевно, бидејќи мора да ја следите темата на филмот и желбата на режисерот. Кога ги снимам моите албуми, имам апсолутна слобода во создавањето“, рече Стефановски.

Тој додаде дека е особено среќен што низ кариерата имал можност да соработува со големи режисерски имиња, меѓу кои Столе Попов, Гоце Васков и Рајко Грлиќ.

Стефановски има компонирано музика за повеќе од 17 долгометражни филмови, како и за повеќе телевизиски и анимирани проекти.

Публиката на нозе со „Gypsy Song“

Свеченоста доби посебна атмосфера кога Стефановски ја изведе „Gypsy Song“, а публиката го награди со силен аплауз.

Новото признание доаѓа во година во која македонскиот музичар веќе беше награден и со специјалното признание Porin Special Merit Award.

Наградата во Вуковар е уште една потврда за широчината на неговото творештво и за влијанието што Стефановски го има оставено не само на концертната сцена, туку и во филмската и телевизиската музика.

Share
Scroll to Top